Папата Фрањо: Лаиците, новите апостоли во градовите

Поради растот на градовите во сите делови од светот многу е важно Црквата да го навестува Бог во градовите. Затоа таа мора да најде начин како да се навести Евангелието. Ова го рече папата Фрањо на аудиенцијата со учесниците на пленарното собрание на Папскиот совет за лаици.

„Лаиците се повикани да излезат и да се среќаваат со луѓето по градовите: во секојдневната активност, во работата, во семејството, во парохијата, во црковните движења тие можат да ги срушат ѕидовите на анонимноста и рамнодушноста кои царуваат низ градовите. Ова ќе биде првиот чекор за приближување кон другите, за да бидат апостоли во квартовите“. Оваа препорака ја упати папата Фрањо до учесниците на Пленарното собрание на Папскиот совет за лаици кои ги прими во саботата 7 февруари во аудиенција во Ватикан.

Задржувајќи се на темата на собирот „Да го сретнеме Бог во срцето на градот“, Папата потсети на растечкиот феномен на урбанизацијата, кој достигнува глобални димензии: повеќе од половина од населението на планетата живее во големите градови. „Градот има силно влијание врз размислувањето, културата, стилот на живот, меѓучовечките односи и религиозноста на луѓето – рече Папата. Црквата не е единствената која „нуди смисла во животот“, а христијаните апсорбираат јазици, симболи и пораки кои нудат нови ориентири во животот, често спротивни на Евангелието“.

„Градовите нудат големи можности, но и големи опасности – посочи Папата: можат да бидат прекрасни места за докажување на слободата и човечкиот дух, но и ужасни места на безчовечност и несреќа. Како секој град, дури и најпознат и уреден, крие во себе еден „анти-град“. Како заедно со сите граѓани постојат и „не-граѓани“: невидливи луѓе лишени од средства и човечка топлина, кои живеат во „не-места“ и чиј живот е исполнет со „не-односи“. Тоа се луѓе кои никој не ги гледа, не им обрнува внимание и за кои никој не е заинтересиран“.

Но Бог не ги напуштил градовите, истакна Папата, туку токму спротивното, „живее во нив“: „Бог продолжува да биде присутен во нашите бурни и зафатени градови! Затоа не треба никогаш да се пркоси со песимизам, туку да гледаме на градовите со очите на верата. Еден контемплативен поглед кој го открива оној Бог, кој живее во неговите куќи, улици и плоштади. Бог е присутен во градот, бидејќи секогаш е присутен во срцето на човекот“.

„Многу често, градовите се плодна почва за апостолат – посочи папата Фрањо. Затоа многу е важна грижата за формирање на лаиците: да бидат воспитани во оној поглед на верата, полн со надеж, кој овозможува да се види градот со очите на Бог; да бидат охрабрени да го живеат Евангелието со свеста дека христијанскиот живот секогаш има силно влијание во општествениот живот. Лаиците се повикани со смирен протагонизам во Црквата, да се претворат во квасец на христијанскиот живот во градовите“.

Папата Фрањо ја охрабри претстојната публикација на Уредбата за апостолат на лаиците (Apostolicam actuositatem), по повод 50-годишнината од Вториот Ватикански собор, која „не гледа само кон иднината, туку кон сегашноста и иднината на Црквата“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот