Папата Фрањо: Исус го преобрази злото во добро

„Повикани сме да ја обновиме одлуката да ѝ служиме на Црквата“. Тоа беше повикот на папата Фрањо во проповедта на задушната литургија за кардиналите и епископите, починати годинава, која ја предводеше во ватиканската базилика, Свети Петар.

Светиот Отец истакна дека „сеќавањето на починатите кардинали и епископи, починати годинава, значи да се молиме, да најдат кај Бог со целосна радост во општеството на светиите, но исто така и за да го обновиме изборот на нивниот повик на служење, односно да бидеме „смирени слуги, дури до степен на саможртва, како што беше и самиот Бог“:

„Служителот на Исус, кој е тука да служи, а не да му служат, за возврат треба да биде Пастир подготвен да го даде својот живот за овците. Оној кој служи и дарува е губитник во очите на светот. Но, во реалноста, токму тој кој ќе го изгуби животот, го наоѓа, затоа живот кој се одбива од себе и се дарува во љубовта, го имитира Христос: ја победува смртта и му дава живот на светот. Кој служи, спасува.

Љубовта на Христос – истакна Папата – е толку конкретна што ја зеде врз себе нашата смрт. За да нè спаси, Тој нѐ стигна дури таму каде што бевме отишле, оддалечувајќи се од животворниот Бог: во смртта, во еден гроб без излез. Тоа е понизноста, покажана од Синот Божји, кој станува наш слуга за да го прифати сето она што е наше и да ни ги отвори широко вратите на животот, коментираше Папата.

Смртта „влезе во светот поради зависта на ѓаволот“, рече папата Фрањо. „Исус не ја избегна, туку ја прифати целосно заедно со сите нејзини контроверзии. На овој начин ние сега, гледајќи Го и верувајќи во Него сме спасени од Него“. Во Евангелието Исус се споредува себеси со подигнатата бронзена змија“. Таа слика, истакна Папата, нѐ потсетува на епизодата со отровните змии во пустината, кои го напаѓаа Израелскиот народ. Луѓето каснати од змии не умираат, туку се спасуваат ако погледнат во бронзената змија, која по наредба на Бог, ја крева Мојсеј. Змија која спасува од змиите“:

„Тоа е и логиката на крстот, за која зборува Исус обраќајќи се кон Никодим. Неговата смрт нѐ спасува од нашата смрт. Во пустината змиите предизвикуваат болна смрт од отровните каснувања, проследени со страв. Исто и во нашите очи смртта се јавува како мрачна и страшна, но гледајќи и верувајќи во Исус, сме спасени“.

Тоа е стилот на Бог, кој нè спасува кога ни служи и понизувајќи се и од кој треба да учиме:

„Ние очекуваме една триумфална божествена победа. Но Исус ни покажува една победа исполнета со смиреност. Подигнат на крстот, Исус им овозможува на злото и смртта да се ожесточат против Него, додека Тој продолжува да сака“.

За нас – коментира Папата – е тешко да се прифати таа реалност. Тоа е тајна, чија сила е во љубовта. Исус го претвора крстот во мост кон животот, рече папата Фрањо.

„Исус не само што го отстранува злото, туку и го преобрази во добро. Не ги промени работите со зборови, туку со дела; не привидно, туку суштински; не во површината, туку во коренот. Во Христовото Воскресение ние не ја гледаме само смртта, туку и избавувањето од смртта. Ова е можно поради големата љубов со која Бог нè засака, поради смирената љубов која се понизува. Исто и ние можеме да победиме со него, ако ја избереме смирената љубов, која и служи на луѓето и која е победничка низ вековите. Тоа е љубов, која не се наметнува, туку се очекува со вера и трпение“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized

За авторот