Папата Фрањо оствари историска средба со големиот ајатолах Али Ал-Систани

Папата Фрањо оствари историска средба со големиот ајатолах Али Ал-Систани

Апостолското патување во Ирак папата Фрањо го искористи да направи уште еден важен чекор во дијалогот со муслиманите.

Наџаф, третиот по важност муслимански град по Мека и Медина, лоциран на 160 километри јужно од Багдад, во централниот дел на Ирак, беше првата дестинација за вториот ден од Апостолското патување на папата Фрањо во Ирак.

Главниот центар на ирачките шиити и цел на шиитскиот аџилак ширум светот е поврзана со една од најпочитуваните личности во исламот – роднината на Мухамед Али, чиј гроб се наоѓа во џамија изградена во негова чест, која е една од главните свети места за муслиманите. Градот е познат и по своите огромни гробишта, најголеми во светот, во кои има многу гробови на пророци и верници. Шиитите веруваат дека погребувањето во Наџаф гарантира влез во рајот.

Наџаф е исто така седиште на духовниот водач на ирачките шиити, големиот ајатолах Али Ал-Систани, со кого поглаварот на Католичката црква направи уште еден важен чекор за католичко – муслиманскиот дијалог. Посетата беше исклучиво приватна. Папата Фрањо пристигна во градот со авион од Багдад, каде што беше пречекан од гувернерот. Од аеродромот, тој веднаш замина во резиденцијата на Големиот ајатолах, каде што се одржа 45-минутна приватна средба, по што Светиот Отец замина на аеродромот, од каде полета за Насирија.

Според Матео Бруни, портпарол на Светиот Престол, за време на неговата куртоазна посета, Папата ја истакна важноста на соработката и пријателството меѓу верските заедници, бидејќи развојот на меѓусебното почитување и дијалог може да придонесе за доброто на Ирак, регионот и светот. Средбата, исто така, беше можност да му се заблагодари на Големиот ајатолах што го подигна својот глас со шиитската заедница во одбрана на најслабите и прогонуваните, истакнувајќи ја светоста на човечкиот живот и важноста на единството меѓу луѓето. При збогување, Светиот Отец вети дека ќе го моли Бог, Создателот на сите, за иднина во мирот и братството за ирачката земја, Блискиот Исток и светот.

За папата Фрањо, по средбата со големиот имам на Ал-Азгар ал-Таиб, со кого беше потпишан заедничкиот „Документ за универзалното братство“ во февруари 2019 година, средбата со големиот ајатолах ал-Систани е уште еден голем чекор во дијалогот со исламот. Ал-Систани не е само главен духовен авторитет во Ирак, туку служи и на шиитите во Пакистан и Индија, како и на оние што живеат во Европа и Америка. Средбата со Поглаварот на Католичката црква е прва ваква средба во историјата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот