Папата Фрањо за свештеничката формација: Мора да се откажеме од протагонизмот

Папата Фрањо за свештеничката формација: Мора да се откажеме од протагонизмот

Папата Фрањо на 10 ноември 2022 година ги прими учесниците на курсот за ректори и семинари од Латинска Америка. Во подготвениот текст што им го предаде на присутните, тој посочува дека еден од најзначајните предизвици за институциите за свештеничка формација е да станат „вистински христијански заедници“.

Целата свештеничка формација, посебно онаа на идните пастири, е во центарот на евангелизацијата, истакнува папата Фрањо во текстот што им го предаде на присутните ректори и семинаристи од Латинска Америка и Карибите. „Потребна е многу квалитетна формација за оние кои ќе бидат Господово таинствено присуство среде неговото стадо, хранејќи го и исцелувајќи го со Словото и Светите Тајни“, наведува Светиот Отец.

Тој посочува дека документот на Конгрегацијата за клер (сега Дикастерија за клер) Ratio fundamentalis Institutiis sacerdotalis – „Дар на свештеничкиот позив“ за свештеничкото образование и обука го потврдува придонесот на учителството на неговите претходници: свети Иван Павле II. и неговиот апостолски поттик Pastores dabo vobis (25 март 1992) и Бенедикт XVI, автор на motupropriо Ministrorum institutio (16 јануари 2013). Папата Иван Павле II. во документот дава „целосен антрополошки поглед, кој истовремено и избалансирано ги зема предвид четирите димензии присутни во личноста на семинаристот: човечка, интелектуална, духовна и пастирска“. Од друга страна, Бенедикт XVI јасно става до знаење дека формацијата на семинаристите продолжува, се разбира, со трајна формација на свештениците, а и двете сочинуваат една реалност.

Еден од големите придонеси на актуелниот документ Ratio fundamentalis е тоа што го опишува процесот за формација на свештеници од семинарските години врз основа на четири карактеристики на формација, кои се претставени како уникатни, интегрални, заеднички и мисионерски, истакнува понатаму папата Фрањо, нагласувајќи дека еден од најзначајните предизвици со кои се соочуваат институциите за свештеничка формација денес е да бидат вистински христијански заедници. Ова подразбира не само кохерентен формациски проект, туку и соодветен број семинаристи и воспитувачи кои ќе обезбедат вистинско заедничко искуство во сите димензии на формацијата. На овој предизвик често се одговара со создавање или консолидирање на меѓуепархиски, покраински или регионални богословии, а тоа е задача што бискупите мора да ја преземат синодски, посочува Светиот Отец.

Ректорите и воспитувачите се повикани да соработуваат лојално и проактивно. За ова, неопходно е да се откажеме од инерцијата и протагонизмот и да почнеме да сонуваме заедно, не копнеејќи по минатото, не сами, туку обединети и отворени за она што Господ денес го сака како формација за следната генерација свештеници, вдахновени од актуелните црковни насоки.

Свештениците се „соучесници“ на другите верници, затоа ги делат истите човечки и духовни потреби, а подлежат и на истите слабости, ограничувања и грешки, потсетува Папата. Потребна е свест дека задачата на воспитувачите не е да формираат „натлуѓе“ кои тврдат дека знаат и контролираат сè и се самодоволни, туку спротивното: тие треба да формираат луѓе кои понизно го следат процесот избран од Божјиот Син, патот на воплотување.

Човечката димензија на свештеничката формација, значи, не е обична школа за крепости, раст на сопствената личност или личен развој, таа првенствено подразбира целосно созревање на личноста зајакната со Божјата благодат. Автентичната мотивација за живеење на повикот, т.е. следење на Господ и воспоставување на Царството Божјо, се основата на процесот кој е и човечки и духовен.

Во овој контекст, важно е секој свештеник да гледа на сопствениот пат на звање и постојано да го зајакнува. Потребна е свесност за влијанието што животот и служењето на воспитувачот го има врз семинаристите, додава Папата. Човечката и духовната хармонија на воспитувачите, посебно на ректорот на Богословијата, е еден од најважните посредници во формациската придружба. Еден од показателите за човечкото и духовното созревање е развојот на способноста за слушање и уметноста на дијалог, кои природно се вкотвени во молитвениот живот, каде свештеникот секојдневно, дури и во моменти на сувост или збунетост, стапува во дијалог со Господ.

Почитувани свештеници, свесен сум дека службата што ја вршите за Црквата не е едноставна и често е предизвик за сопствената човечност, напиша Папата во текстот, нагласувајќи дека токму затоа е важно секој ден да му се обраќаме на Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот