Папата Фрањо започна циклус катехези за свети Јосиф

Папата Фрањо започна циклус катехези за свети Јосиф

На генералната аудиенција на 17 ноември, папата Фрањо го започна новиот циклус катехези посветени на свети Јосиф, кој во ова време на криза може да понуди поддршка, утеха и водство.

По завршувањето на циклусот катехези за Посланието до Галатјаните на 10 ноември, папата Фрањо на Генералната аудиенција на 17 ноември 2021 година започна со циклусот катехези за свети Јосиф. Како што рече Светиот Отец, денешното време, како никогаш досега, го одбележува светска криза. Затоа, свети Јосиф може да понуди поддршка, утеха и водство. Додека годината на свети Јосиф се ближи кон крајот, Папата изрази надеж дека размислувањата дополнително ќе ни помогнат да се просветлиме со неговиот пример и сведоштво.

Човек полн со вера во Божјата промисла

Светиот Отец даде вовед во катехезата размислувајќи за библискиот контекст на животот на свети Јосиф. Сеќавајќи се на старозаветниот Јосиф, синот на Јаков, папата Фрањо истакнува дека името „Јосиф“ на хебрејски значи „Бог да расте, Бог да даде раст“. Тоа е благослов заснован на доверба во Божјата промисла, а особено се однесува на плодноста и воспитувањето на децата. Тоа открива и еден суштински аспект на личноста на Јосиф од Назарет, рече Папата. Тој е човек полн со вера во Бога, во Неговата промисла.

Божјата љубов кон периферијата

Понатаму, Папата потсети на местата поврзани со свети Јосиф, особено Витлеем и Назарет, кои играат важна улога во нашето разбирање на овој светител.

Витлеем во превод значи „куќа на лебот“ или пак на арапски „куќа на месо“, објасни Светиот Отец. И двата поима се полни со значење во светлина на Воплотувањето и Евхаристијата. Витлеем нѐ потсетува и на настанот за Рут, прабабата на цар Давид, лозата од која потекнува Јосиф; како и на пророштвото на Михеј кое зборува за доаѓањето на Месијата од Витлеем. Иако Ерусалим е градот што Господ го љубеше, „светиот град“, Витлеем и Назарет, и двете оддалечени села далеку од вревата на вестите и силите на времето, се најтесно поврзани со свети Јосиф. Изборот на овие два града ни кажува дека Бог ја сака периферијата и маргиналноста, рече Папата. Пропустот да не го сфатиме сериозно овој факт е исто како да не се сфати сериозно евангелието и Божјото дело. Бог и понатаму се објавува на географските и егзистенцијалните периферии, рече Петровиот наследник.

Да почнеме повторно од Витлеем и Назарет

Исус особено оди во потрага по оние на периферијата, нагласи Папата. Не само по грешниците, туку и по оние кои не направиле зло, туку го претрпеле: болните, гладните, сиромашните и најмалите. Денес, како и тогаш, во општеството има центар и периферија. Како и во времето на Исус, Црквата знае дека е повикана да ја навестува Радосната вест од периферијата, рече Светиот Отец. Во ова, свети Јосиф може да биде пример, посочи тој, потсетувајќи го секој од нас да дадеме посебно значење на она што другите го отфрлаат. Во овој поглед, свети Јосиф навистина ја совлада умешноста на суштинското, потсетувајќи нè дека она што навистина е важно не го привлекува нашето внимание, туку бара трпеливо расудување за да го откриеме и цениме, рече Папата.

Светиот Отец ги поттикна верниците да се молат за застапништво на свети Јосиф за да има повторно таков став целата Црква. Да почнеме повторно од Витлеем, да почнеме повторно од Назарет, поттикна Светиот Отец. На сите кои живеат на географски или егзистенцијални периферии, Папата, пак, им порача дека во свети Јосиф можат да најдат сведок и заштитник кон кого можат да ги свртат погледите.

Молитва до свети Јосиф

На крајот од катехезата, Светиот Отец ја молеше следната молитва до свети Јосиф:

Свети Јосифе,

ти кој секогаш си верувал во Бога

и кој донесуваше одлуки,

воден од Неговата промисла,

научи нè да не се потпираме толку многу на нашите сопствени планови,

туку на Неговиот план на љубов.

Ти кој доаѓаш од периферијата,

помогни ни да го промениме својот погледот,

и да бидеме склони кон она што светот го отфрла и маргинализира.

Утеши ги оние кои се чувствуваат сами

и поддржи ги оние кои работат во тишина,

бранејќи го животот и човечкото достоинство. Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот