Папата Фрањо заедно со кариндалите се моли за Украина и за сите оние кои страдаат заради Евангелието

Папата Фрањо во петок 21 февруари го отвори вториот работен ден на вонредниот конзисториум во ватиканската сала Павле VI, посветен на темата за семејството. Работата почна со молитвата кон Господ и тоа Третиот час во петокот од втората недела со 58 Псалм: „ Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене!. Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците;” По молитвата Светиот Отец говореше за Украина:

„Би сакал да испратам поздрав, не само од мое, туку од името на сите, до украинските кардинали Јаворски, поранешен архиепископ на Лавов, и кардинал Хусар, поранешен врховен архиепископ на Киев, кои во овие денови доживуваат страдања и тешкотии во нивната земја. Можеби ќе биде добро ова послание да биде од името на сите: дали се согласувате сите?”. Како одговор присутните кардинали упатија аплауз.

Во слободен говор Папата се задржа на воведното предавање на кардинал Валтер Каспер, поранешен претседател на Папскиот Совет за промовирање на единство на христијаните, нагласувајќи ја „длабоката мисла во неговата теологија” „Задоволство е да се чита една јасна и сериозна теологија”, рече Папата. „Во неа наоѓам она што свети Игнациј од Лојола го нарекува чувство за Црквата (sensus ecclesiale), љубов кон Мајката Црква. Јас би ја нарекол „молитвена теологија”.

На брифингот за новинарите директорот на Ватиканската канцеларија за печат отец Федерико Ломбради ја претстави изјавата, која лично ја одобри Папата, во која Папата и кардиналите упатуваат молитва за „многубројните христијани, кои во многу делови на светот се жртви на нетолеранција и прогонство”. Заедно, тие ја гарантираат својата постојана молитва за „страдалниците поради својата вера на Евангелието”, и ги повикуваат „да ја задржат цврстина на верата и да простат од срце на нивните гонители, по примерот на Господ Исус.”

Папата и кардиналите изразија загриженост и за оние земји кои се погодени од внатрешни конфликти или сериозно нарушување и лишени од нормален граѓански соживот, како Јужен Судан или Нигерија, каде жртви на нападите се многубројни невини луѓе, придружувани со сѐ поголема рамнодушност”. Понатаму патер Ломбарди изјави дека Папата и кардиналите изразуваат „голема загриженост за конфликтот во Сирија, кој изгледа дека е далеку од трајно и мирно решение”, како и за Централноафриканската Република, каде што „конфликтот секој ден зазема поголеми размери”.

„Сѐ повеќе станува итна интервенцијата на меѓународната заедница во името на мирот и внатрешното помирување , враќањето на безбедноста и правната држава и да се гарантира пристапот до хуманитарна помош.”

За жал, многу конфликти се дефинираат дека се религиозни, лажно спротивставувајќи ги христијаните и муслиманите, а станува збор за конфликти кои се од етничка, политичка или економска природа”, рече патер Ломбарди на брифингот.

На крајот папата Фрањо и кардиналите од конзисториумот уверуваат дека „од своја страна, Католичката црква ги осудува секое насилство во името на верската припадност, и дека ќе продолжи со своите напори за мирот, преку меѓурелигискиот дијалог и бројните хуманитарни активности, кои секојдневно даваат помош и утеха на настраданите низ светот.”

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот