Папата Фрањо до семејствата на полските рудари: Бог е со нас во темнината

Папата Фрањо до семејствата на полските рудари: Бог е со нас во темнината

Во Ватикан на 24 март 2023 година се одржа трогателна средба меѓу папата Фрањо и семејствата на рударите кои ги загубија животите во две несреќи што се случија во Пњовек и Зофиовка, Полска во април минатата година. Светиот Отец накратко ги поздрави присутните, а потоа ги благослови и рече: Во болка зборовите се бескорисни, дури и лутината може да стане молитва

Папата Фрањо без претходно подготвен говор им се обрати на семејствата на рударите кои загинаа во два рудници за јаглен на 20 и 23 април 2022 година во Полска. На група од околу 80 луѓе присутни во салата за конзисториј во Ватикан, Папата го изрази своето соучество во нивната жалост со неколку зборови:

Ви благодарам на посетата! Пред вас не знам што да кажам. Тишината е сочувствителна. Да се изгуби сопругот, таткото, во таква несреќа е страшно. Исто така и фактот што некои се затрупани таму, во рудниците… не сакам да кажувам зборови, сакам само да ви кажам дека сум блиску до вас, многу блиску, со близина на моето срце, и се молам со вас во таа тешка и грда ситуација.

И лутината е молитва

Во такви ситуации може да се појави сомнеж, може да ни изгледа дека Бог не ја слуша нашата молитва – рече Папата и додаде: Постои тишина на покојните и тишина Божја, а таа тишина понекогаш нè лути. Не плашете се; таквата лутина е молитва. Тоа е едно од оние „зошто?“ кои постојано ги повторуваме во вакви ситуации. Одговорот е: „Во темнината Господ е со нас. Не знаеме како, но ни е блиску“.

Молитва и благослов

Папата Фрањо затоа ги повика семејствата за момент на молитва, во тишина, во која и самиот се приклучи. Потоа им даде благослов и лично ги поздрави сите учесници на средбата.

Рударски несреќи во април 2022 година

Семејствата кои денеска ги прими Светиот Отец тагуваат за загубата на членовите на нивните семејства во две несреќи што се случија во истата недела, на 20 и 23 април минатата година, на две места во Полска. Во првата, имаше експлозија во фабрика за ископ на јаглен во Пњовек, во која загинаа пет рудари, а седум исчезнаа. Втората несреќа се случи во Зофиовка, на југот на земјата, по што најмалку десет работници се уште се водат како исчезнати. Двете фабрики припаѓаат на иста рударската компанија Jsw.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот