Папата Фрањо до Кларетијанците: Вашето послание не може да биде „на далечина“

Папата Фрањо до Кларетијанците: Вашето послание не може да биде „на далечина“

Учесниците во Генералното собрание на Конгрегацијата на мисионерите на синовите на безгрешното срце на Марија, познати и како Кларетијанци, на 9 септември 2021 година се сретнаа со папата Фрањо.

Светиот Отец му честиташе на отец Метју Ватаматам за неговиот реизбор за генерален поглавар, како и на другите избрани членови на управата.

Мотото на собранието гласи: „Вкоренети и храбри“. Повикувајќи се на овие зборови, Папата истакна дека треба да се вкорените во Исус, што претпоставува живот со молитва и контемплација.

Вие сте мисионери, ако сакате вашата мисија да биде навистина плодна, не можете да ја одделите од контемплацијата и интимниот однос со Господ. Ако сакате да бидете сведоци, не смеете да престанете да бидете обожаватели. Сведоци и обожаватели се два збора кои се наоѓаат во срцето на Евангелието: „Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат“ (Марко 3,4), предупреди Светиот Отец.

Осврнувајќи се на Правилата на заедницата, Папата им рече на присутните: Не се обесхрабрувајте од ништо. Така зборуваше Исус, не плашете се. Не плашете се од вашите слабости. Колку е впечатливо да се види кога човек со посветен живот се чувствува слаб, бидејќи тогаш има потреба да побара помош. Она од што треба да се плашиме, истакна Папата, е падот во духовна „шизофренија“, во световна духовност во која се потпираме на својата сила и веруваме дека сме најдобри, кога избезумено бараме благосостојба и моќ.

Не се прилагодувајте на оваа световна логика, која прави Евангелието, Исус, повеќе да не се критериуми, кои ги води вашите животи и мисионерските можности. Не можете да се соживеете со духот на светот и да се преправате дека му служите на Господ, предупреди Светиот Отец. Понатаму, им рече на Кларетијанци, никогаш да не го користат евангелието на инструментален начин, како идеологија, туку нека биде како вадемекум, дозволувајќи да бидат водени од евангелските прилики и горливата желба да се следи Исус и да се наследува во молитвата, уморот и постојаната потрага по славата Божја и спасение на душите, како што вели нивниот основач, отец Кларет.

Со такви упатства, ќе станете смели во своето послание, рече Папата. Не „мирувајте“, истакна Светиот Отец, нагласувајќи дека со таквиот став ќе бидат поттикнати да одат таму каде што никој не сака, а каде што е потребна светлината на Евангелието. Вашето послание не може да биде „на далечина“, туку одблизу. Не заборавајте како дејствува Бог – близина, сочувство, нежност, нагласи Папата Фрањо.

Се надевам, драги браќа, дека ова собрание, кога ќе го завршите ќе ви помогне да се фокусирате на она што е важно: Исус. Ставете ја вашата сигурност во него и само во него, кој е најголемо добро, вистинска сигурност. Мислам дека ова исто така може да биде едно од најдобрите плодови на пандемија што доведе во прашање толку многу наши лажни верувања. Исто така, се надевам дека собранието ќе ве охрабри да се фокусирате на најважните работи што го сочинуваат посветениот живот денес: посветеност, акцент на односот со Бога, братски живот во заедница, автентичен однос со браќата и посланието кое нѐ тера да излеземе од себе и да се сретнеме со другите, особено со сиромашните, како би ги довеле до Исус, рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот