Папата Фрањо: Да не дозволиме да нѐ заведе себичната нечувствителност

Папата Фрањо: Да не дозволиме да нѐ заведе себичната нечувствителност

Пред пладневната молитва Ангел Господов папата Фрањо ја толкува параболата за „Добриот Самарјанин“ и истакна: Вистинското лице на љубовта е милосрдието искажано на човечки живот во потреба

Да не дозволиме да нѐ заведе себичната нечувствителност – рече папата Фрањо на 14 јули 2019 година пред молитвата Ангел Господов, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Светиот Отец се осврна на евангелието од денешната Литургија кое ни ја дава параболата за „Добриот Самарјанин“ (Лука 10,25-37). На прашањето од законикот што е потребно да направи за да добие живот вечен – рече Папата – Исус го повикува одговорот да го најде во Светото Писмо: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!” (Лука 10,7).

Но имало различни толкувања за тоа кој треба да се смета за свој „ближен“ – рече Светиот Отец и додаде: Имено, тој човек уште и прашува: „А кој е мојот ближен?” (Лука 10,29). Во тој момент Исус одговара со параболата која станува пример за христијанскиот живот и пример како христијанинот треба да делува. Протогонистот на таа кратка парабола е Самарјанин, кој одејќи на пат се погрижува за еден човек кој е ограбен и претепан од разбојници.

Знаеме дека Евреите ги презирале Самарјаните, сметајќи дека не припаѓаат на избраниот народ – рече Папата и додаде: Затоа не е случајност што Исус во параболата го одбира Самарјанецот да биде позитивен лик. На тој начин сака да ги надмине предрасудите, покажувајќи дека и странецот, па и оној кој не го познава вистинскиот Бог, и не доаѓа во Неговиот храм, е способен да се однесува во согласност со Неговата волја, чувствувајќи сочувство кон братот во потреба и помагајќи му со сите средства кои му биле на располагање.

Пред Самарјанинот на тој ист пат поминале свештеник и левит, односно луѓе кои богослужеле во храмот – рече Папата и додаде: Но кога го виделе сиромашниот човек како лежи на земја, си заминале не запирајќи, најверојатно за да не се допрат од неговата крв. Човечкото правило за богослужење ја претпоставува заповедта која пред сѐ се бара милосрдие. Затоа Исус како пример го става Самарјанинот, токму оној кој немал вера. Да помислиме на многу луѓе кои ги познаваме, можеби се агностици, но прават добро.

Исус како пример зема некој кој не бил човек од вера – рече Светиот Отец и продолжи: Тој човек, љубејќи го братот како себе, покажува дека го сака Бог со сето свое срце и сета своја сила, Бог кој што не го познавал, но истовремено искажува вистинска вера и хуманост. Откако ја раскажал оваа парабола, Исус повторно се обраќа до законикот кој го прашал: „Кој е мојот ближен?“ и му вели: „Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?” (Лука 10,36).

На тој начин поттикна прашања кај соговорникот, но и логика кај сите нас – рече Папата и продолжи: Ни помага за да можеме да сфатиме дека ние не сме тие, кои врз основа на своите критериуми, одлучуваме кој е нашиот ближен, а кој не, туку човекот мора да препознае кој е негов ближен, односно кој имал сочувство кон лицето во потреба (Лука 10,37). Да се биде способен за сочувство, тоа е клучот. Ако пред лицето во потреба немате сочувство, ако вашето срце не е допрено, тоа значи дека нешто не е во ред. Не смееме да дозволиме да нѐ одвлече себичната нечувствителност.

Способноста за сочувство станува знак за препознавање на христијаните и секако на Исусовата наука – рече Папата и истакна: Самиот Исус е сочувството на Отецот кон нас. Ако одете по пат и видете бездомник како лежи и поминете не погледнувајќи го или пак помислите дека тоа е последица од виното, и дека се работи за пијаница, не прашувајте се дали тој човек е пијаница, туку дали вашето срце е стврднато, да не станало ладно. Тоа покажува дека милосрдието кон оние во потреба е вистинското лице на љубовта.

Така се станува вистински Исусов ученик и така се покажува лицето на Отецот: „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (Лука 6,36). Бог, нашиот Отец е милосрден затоа што сочувствува, способен е да сочувствува и да се приближи на нашата болка, грев, пороци и беда. Блажена Девица Марија нека ни помогне да сфатиме и да живееме сѐ повеќе со нераскинлива врска помеѓу љубовта кон Бог, нашиот Отец и конкретната и великодушната љубов кон нашите браќа –рече Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот