Папата Фрањо даде интервју за римскиот дневен весник ‘Ил Месаџеро’

Римскиот дневен весник ‘Ил Месаџеро’ (Il Messaggero) објави на 29 јуни разговор на новинарката Франка Џансолдатис со папата Фрањо. Во своите одговори Светиот Отец се осврна, меѓу другото, на предизвиците произлезени од сегашните промени на времето и културата, кои влијаат на политичкиот, финансискиот и општествениот живот. Тоа се предизвици на кои институциите и Црквата треба да одговорат штитејќи го општото добро и чувајќи го човечкиот живот и неговото достоинство.

Заштитата на општото добро, која вклучува и заштита на човечкиот живот и неговото достоинство е повик на секој политичар – рече Светиот Отец. Денес проблемот на политиката е светски проблем – забележа папата Фрањо – поради тоа што е обезвреднета, уништена со корупција и појавата на мито. Тоа морално пропаѓање, не само во политиката, туку и во финансискиот и општествениот живот, поттикнато е со промената на денешното време, меѓутоа и на културата. Во таа смисла – според зборовите на Папата – сиромаштвото кое треба да нè загрижува не е само она материјалното.

На гладниот човек можам да му помогнам така што ќе го нахранам – објасни Папата – меѓутоа ако ја изгубил работата, тој се соочува со друг вид на сиромаштво. Нема повеќе достоинство. Затоа се наметнува потребата за заеднички напори во давањето помош на семејствата во тешкотии; тоа е тешка задача – според зборовите на Папата – меѓутоа треба да се продолжи со неа, најмногу работејќи повеќе за општо добро на децата.

Основање на семејство е голема одговорност и тоа поради економските тешкотии на кои се наидува, додека социјалната политика не помага – истакна Папата и коментирајќи ја ниската стапка на наталитет во Европа која – како што рече – како да е уморна од тоа да биде мајка, па со задоволство е баба, забележа дека таа појава не зависи само од културното застранување проткаено со самољубие и хедонизам, туку и од сегашната економска криза.

Според мислењето на папата Фрањо, истакнувањето на сиромашните е христијански знак сиромаштвото е во средиште на Евангелието, а тоа не може да се разбере ако не се сфати вистинското сиромаштвото. Меѓутоа – додаде Папата – треба да се води сметка за тоа дека постои и прекрасно сиромаштво на духот; да се биде сиромашен пред Господ, бидејќи Господ те исполнува. Евангелието, имено, се обраќа на сите без разлика, на сиромашни и богати, и не ги осудува богатите, туку евентуално богатствата, кога постануваат предмет на обожавање.

На прашањето каде оди Црквата на папата Бергољо, Светиот Отец одговори: „Фала му на Господ, немам никаква Црква, го следам Христос. Не сум основал ништо“. А потоа додаде дека неговите одлуки се резултат на разговорите на конгрегациите одржани пред конклавите. Сам не сум направил ништо – истакна папата Фрањо.

Говорејќи за своите следни патувања во Азија, најпрво за патувањето во Кореја на кое ќе тргне во август, а потоа во јануари следната година во Шри Ланка и на Филипините, Светиот Отец истакна дека Црквата во Азија е обврска. Што се однесува на Кина, станува збор за многу голем културен предизвик – забележа Папата.

Во текот на разговорот папата Фрањо кратко се осврна на бројни други теми за кои говореше во текот на својот понтификат, меѓу кои е и улогата на жената, која треба подобро да се проучи, инаку – според зборовите на Папата – не може да се сфати ни самата Црква. Осврнувајќи се потоа на корупцијата и искористувањето – работно и сексуално – на девојчиња или момчиња, Папата говореше за малолетничката проституција на која го предупредиле кога бил надбискуп во Буенос Аирес, а во која биле вплетени и постари лица. За мене педофили се тие лица кои така се однесуваат со девојчињата – истакна Папата.

Бидејќи разговорот беше направен на празникот на светите Петар и Павле, заштитници на Рим, папата Фрањо се осврна и на секојдневието и на традицијата на градот чиј бискуп е. Таа должност – рече Светиот Отец – е прва служба на Фрањо. Рим – според зборовите на Папата – ги има истите проблеми со кои се соочуваат другите метрополи, како што е на пример, Буенос Аирес. И токму за пасторал на метрополите ќе биде посветен собирот кој ќе се одржи во ноември во Барселона. На римјаните, жителите на градот кој треба да биде светилник на светот, Папата на крајот им посака и покрај тешкотиите, да не ја изгубат радоста, надежта и довербата.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот