Папата Фрањо го прими претседателот Иванов

Во среда 21 мај во 9.00 часот папата Фрањо го прими во аудиенција претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорге Иванов, кој беше придружуван од црковна делегација, како и министри од владата. Срдечниот разговор помеѓу папата Фрањо и претседателот Иванов траеше 25 минути.

При размената на подароците, папaта Фрањо на македонскиот државен врв му поклони голема плакета со гравура на ангел на мирот. „Ова е ангел на мирот, кој го победува золиот дух“, истакна Папата, кој посака борбата за мир да продолжи. Македонскиот државен врв на Папата му подари копија од икона со Богородица Пелагонитиса, резба со ликовите на светите Кирил и Методиј, како и книга за црквите во Македонија.

Веднаш потоа претседателот Иванов беше примен во Апостолската палата од државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин. По разговорите со државниот секретар македонската делегација се упати во базиликата Сан Клементе, каде се поклони на гробот на свети Кирил.

Точно напладне македонската државно-црковна делегација се сретна со кардинал Сантос Абрили и Кастељо во базиликата Света Марија Велика. Во контекст на посетата за чествувањето на свети Кирил во Рим, кардинал Сантос Абрили и Кастељо, истакна дека токму во таа базилика преводите на светитe браќа Кирил и Методиј се одобрени за црковна употреба од папата Адријан II.

На крајот државно-црковната делегација ја посети и базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, каде што се поклонија на грбот на апостолот на народите, кој токму од Македонија ја започна евангелизацијата на Европа.

Македонската државна и црковна делегација престојува во Рим и Ватикан по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан, Македонија

За авторот