Папата Фрањо го заврши Апостолското патување во ДР Конго

Папата Фрањо го заврши Апостолското патување во ДР Конго

Папата Фрањо го заврши своето Апостолско патување во Демократска Република Конго и со авион замина на долгоочекуваното екуменско ходочастие во Јужен Судан.

Папата Фрањо замина од Демократска Република Конго, означувајќи го крајот на првата етапа од неговото 40. Апостолско патување во странство.

Авионот на Папата полета од меѓународниот аеродром „Нџили“ во главниот град на ДР Конго, Киншаса во петокот во 10.49 часот по локално време. Во авионот со Папата се и повеќе од 70 новинари.

Светиот Отец ја посети ДР Конго од 31 јануари до 3 февруари 2023 година, по стапките на папата Свети Иван Павле II, кој ја посети оаа централноафриканска земја во 1980 и 1985 година.

За важноста од посетата на ДР Конго

Во земјата Папата беше срдечно примен. На светата Литургија која ја служеше Папата на аеродромот Ндоло се собраа повеќе од еден милион луѓе, а бискупите од соседните земји, кои страдаат од неискажливо насилство и конфликти, се обединија околу папата Фрањо.

Светиот Отец ја повика нацијата да им прости на другите, себеси и нивната историја, инсистирајќи дека Исус ќе им овозможи да почнат од почеток и ги охрабри да бидат „мисионери на мирот“ и да ја живеат „голема амнестија на срцето“.

Папата исто така упати зборови за оние кои се нарекуваат христијани, но се вклучени во насилство, велејќи им „да го положат оружјето и да го прегрнат милосрдието“.

Во ДР Конго, Папата се сретна со претседателот Феликс Цисекеди и им се обрати на властите на земјата, граѓанското општество и дипломатскиот кор, а исто така им се обрати на младите, бискупите, свештенството и семинаристите, како и на посветените мажи и жени.

Светиот Отец ги повика младите да сонуваат за нова иднина и да се спротивстават на корупцијата, омразата и етничките ривалства.

Петровиот наследник ги слушна и потресните искуства на жртвите на насилство на истокот на земјата, кој е погоден од етнички и територијални борби.

Во текот на овие интензивни денови, папата Фрањо постојано ја изразуваше својата близина со сиромашните и експлоатираните, апелирајќи да се сврти нова страница.

„На пат“ за Јужен Судан

Авионот на Светиот Отец денес напладне, 3 февруари 2023 година, ќе слета во Јужен Судан.

По завршувањето на ова патување во недела, кое е петта Апостолска посета на папата Фрањо на африканскиот континент, тој ќе има вкупно посетено 60 земји од почетокот на неговиот понтификат.

Во 2015 година замина во Кенија, Уганда и Централноафриканската Република, а во 2017 година го посети Египет. Потоа, во март 2019 година, го посети Мароко, а подоцна во септември 2019 година Мозамбик, Мадагаскар и Маурициус.

Следната станица, екуемнско ходочастие

Со години, папата Фрањо сакаше да го посети претежно христијанскиот Јужен Судан, но нестабилната ситуација во земјата, заедно со пандемијата, ги комплицираа плановите за посета.

Во април 2019 година, Папата беше домаќин на духовни вежби во Ватикан за политичките водачи и црковните власти на Јужен Судан.

На духовните вежби во Домот „Света Марта“, Папата клекна пред нивните нозе и ги молеше да работат за мир и да бидат достојни татковци на својата нација.

Папата пред да се врати во Ватикан ќе помине три дена во Јужен Судан на екуменско ходочастие за мир со надбискупот од Кентербери и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска.

Долгоочекуваното патување

Папата беше принуден да ја одложи оваа посета на ДР Конго и Јужен Судан, првично закажана за јули 2022 година, поради интензивна болка во коленото.

Во тоа време, Светиот Отец во негово име во двете земји го испрати државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пиетро Паролин, изразувајќи го своето разочарување што не може да ја оствари посетата, како и неговата голема желба што е можно поскоро да ги посети двете земји.

Околу 20% од католиците во светот живеат на африканскиот континент, а тој процент постојано се зголемува.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот