Папата Фрањо: Голема е трпеливоста на Божјиот народ

Трпеливоста на Божјот народ, која верно ги поднесува секојдневните искушенија ја носи Црквата напред – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 17 февруари во капелата на домот Света Марта.

Коментирајќи го првото читање од Посланието на свети Јаков кое вели: „Радувајте се браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,“ (Јак 1,2) Папата рече дека со постојаноста, поднесувањето на искушенијата, „тоа што не го сакаме“ се постигнува раст во животот. Нетрпеливиот човек сака веднаш сѐ. Кој не ја познава мудроста на постојаноста – истакна Папата – е непослушна личност и останува во детскиот инает; ништо не му е добро. Ако нема трпеливост тогаш не расте останува во инаетот; не знае да го прифати животот каков што е: или вака или никако. Ова е всушност искушение: да станеш непокорен. Другото пак искушение на нетрпеливите е „семоќноста“ веднаш да ја оствари својата желба, како што било со фарисеите кои од Исус барале знак од небото: сакале спектакал, чудо – рече Папата.

Тие го помешале Божјот начин на делување со делувањето на некој волшебник. А Бог не се однесува како волшебник. Тој има свој начин на делување: Божја трпеливост. Тој е трпелив. Кога одиме на исповед, секогаш ја воспеваме со пофалба Божјата трпеливост. На својот грб, Тој многу трпеливо нѐ носи. Христијанскиот живот треба да се одвива во таа музика на постојаност, затоа што таа била музиката и на нашите татковци, на Божјот народ, оние кои верувале на Словото Божјо и кои ги почитувале Божјите заповеди дадени на: „По мојот пат оди и непорочен биди!“ – потсети Светиот Отец.

Божјот народ – како што рече цитирајќи го Посланието до Евреите – „многу трпел, многу биле прогонувани, убивани“, имале радост од далеку да ги поздрават Божјите ветувања. Таква трпеливост треба да имаме во искушенијата: трпеливост на возрасен човек, трпеливоста на Бог Кој нѐ носи на својот грб. Таква е трпеливоста на нашиот народ – рече папата Фрањо.

Колку и сега е трпелив нашиот народ! Кога одиме во парохијата гледаме луѓе кои трпат, со проблеми; луѓе кои имаат дете со тешкотии во развојот или болно дете, а сепак трпеливо се поднесуваат. Тие не бараат знаци, како овие во Евангелието кои говорат: „Дај ни знак!“ Не, тие бараат, туку знаат да ги читаат знаците на времето, знаеле дека доаѓа пролета, кога смоквата цвета: тие тоа го знаеле. Напротив, фарисеите барале знак, не знаеле да ги читат знаците на времето и затоа не го препознале Исус – објасни Светиот Отец.

Папата ј заврши проповедта фалејќи го „народот“ кој знае да трпи: кој трпеливо ги поднесува искушенијата и не ја губи радоста на верата. Таквите луѓе со својата секојдневна светост, нашиот народ во нашите парохии и во нашите установи ја носат Црквата напред. Сметајте ја за потполна радост, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека вашата вера раѓа постојаност, а постојаноста во вас го довршува своето дело да бидете совршени и непорочни, без никаков недостаток (сп. Јак 1,2-4) – потсети Светиот Отец.

На сите нас Господ нека ни даде трпеливост и радосна постојаност; на работа, трпеливост на мирот; нека ни даде Божја трпеливост, она која Тој ја поседува, и трпеливост на верниот народ, кој е многу примерен – заврши папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот