Папата Фрањо: Вистинската револуција е Евангелието

Ватикан, 18.6.2013 /к.мк/ – „Треба да бидеме подготвени за една духовна битка“, бидејќи Евангелието не може да се проповеда без духовна борба“, а христијаните треба да ја продолжат „револуцијата на Христос, извршена преку Крстот и Воскресението“. Тоа го рече папата Фрањо при отворањето на црковниот конгрес на римската епархија во понеделник 17 јуни во ватиканската сала Павле VI во присуство на десет илјади луѓе. Пред да го заземе претседавачкото место Папата Бергољо застана да се поздрави со стотици верници. Неговата долга катехеза беше насловена „Не се срамам од Евангелието“.

Папата истакна дека вистинската револуција е во Црквата и започнува од Крштевањето: преминот од законот кон благодатта. Другите револуции ја менуваат историјата, но вистинската револуција е промената на човекот. „Вистинската револуција која радикално го менува животот е извршена од Исус Христос, преку Воскресението“, рече Папата. Таа е „најголемата трансформација во човечката историја“, затоа што „го менува срцето“. Затоа, посочи Папата, „ние сме револуционери во оваа револуција, бидејќи одиме по патот на оваа најголема промена во историјата на човештвото: ако еден христијанин не е револуционер, не е христијанин, тој мора да биде таков поради благодатта која ни ја дава Бог Отецот, преку умрениот, а потоа и воскреснатиот Исус“.

„Револуција, бидејќи го менува срцето“, продолжи папата Фрањо и го посочи примерот на апостол Павле, кој по средбата со Исус на патот за Дамаск радикално ја менува перспективата за живот и го прифаќа Крштевањето: од прогонител на христијаните се претвора во гласник на Евангелието, и на крајот го дава и својот живот за него. „За да станеме свети потребно е да ја прифатиме благодатта, која Бог ни ја дава преку Исус Христос. Таа благодат го менува срцето“.

Но оваа „бесплатно“ добиена благодат од Бог треба да ја предадеме исто така „бесплатно“ на нашите браќа и сестри, особено на тажните и очајните, продолжи Папата. „Колку многу луѓе живеат без надеж и се потонати во длабока тага, барајќи ја среќата во алкохолот, дрогата, коцкањето, во моќта на парите и во години на искривена сексуалност …. Колку млади луѓе, откако, обидувајќи се со различни работи, не ја наоѓаат смислата на животот посегнуваат по својот живот, како решение“. Оттука и повикот на папата Фрањо:

„Ние треба да понудиме христијанска надеж, преку нашето лично сведоштво, со нашата слобода и нашата радост“. „Не можеме да останеме рамнодушни … „Имаме еден Отец. Не сме сирачиња“. Евангелието е како семето: сееш со твоите зборови и твоето сведоштво“.

Тоа значи храброст, рече Папата: „Еден христијанин треба да има храброст пред еден проблем, една социјална криза или верска криза и да оди храбро напред … Како што вели свети Павле, храброст и трпение. Треба да излеземе од себе и од нашите заедници и одиме таму каде што луѓето живеат, работат и страдаат, навестувајќи им го Божјото милосрдие и дарот примен од Исус: благодатта. Не ги разбирам оние црковни заедници кои остануваат затворени во себе“.

Папата ја цитираше параболата за пастирот, кој оставил деведесет и девет овци за да ја бара загубената (Матеј 18, 12-14) и извика: „Браќа и сестри, имаме една овца и недостасуваат деведесет и девет, треба да излеземе и да ги побараме! Во современата култура остана само една, ние сме малцинство, но го чувствуваме ли апостолскиот жар за да излеземе и ги најдеме останатите 99?“. „Кога една заедница е затворена, секогаш со истите луѓе кои зборуваат меѓусебно, таа не дава живот. Таа заедница е стерилна и неплодоносна. Плодноста на Евангелието доаѓа преку благодатта на Исус Христос, но исто така и преку нас, нашето проповедање, нашата храброст и нашето трпение“.

На крајот папата Фрањо го посочи најголемиот предизвик за евангелизацијата: „Ние не сме сами со Исус Христос. Има еден противник и непријател кој сака да го подели народот Божји. Затоа предизвикува во срцата разочарување кое не го гледаме веднаш како одмазда за нашите апостолски напори. Секој ден ѓаволот го фрла во нашите срца семето на песимизмот и горчината и некој се обесхрабрува. Треба да се подготвиме и за духовна борба. Евангелието не може да се проповеда без духовна борба. Тоа е секојдневна борба со тагата, огорченоста и песимизмот. Тоа е секојдневната борба на сите христијани“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<