Папата: Утехата не е забава, туку мир Господов

Папата: Утехата не е забава, туку мир Господов

Утехата не е забава, туку мир Господов – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 25 септември 2017 година во домот Света Марта.

Во својата проповед се фокусираше на денешното прво читање од Книга Ездра, во кое се раскажува настанот за ослободувањето на израелскиот народ од вавилонското ропство: Господ тогаш го посети својот народ и го врати во Ерусалим. Зборот „посети“ – објасни Светиот Отец – е важен во историјата на спасението бидејќи секое ослободување, секое Божјо откупителско дело е посета.

Кога Господ нè посетува, тогаш ни дарува радост, односно нè доведува до состојба на утеха. Да, тие сееле со солзи, но сега жнеат во радост. И таа утеха не е нешто, што се случило само тогаш, туку тоа е состојба во духовниот живот на секој христијанин, а за тоа нè учи целата Библија – рече Папата.

Секој христијанин може да смета на Божјата посета. Ќе има „слаби и силни моменти“, но Господ секогаш ни дава да го почувствуваме своето присуство – рече Светиот Отец. Затоа е потребно да се чека тој настан со помошта на најпонизната од сите добродетели – надежта. Таа секогаш е мала, но многу пати е силна, иако е сокриена како жарот под пепелта. Ако христијанинот не живее во „тензија“ во однос на Божјата утеха – рече папата Фрањо – тогаш станува збор за затворен христијанин.

Тоа е повик да ја „препознаеме“ утехата бидејќи постојат лажни пророци кои наизглед нè тешат, но наместо тоа нè измамуваат. Утехата не е радост која може да се купи. Господовата утеха – продолжи Папата – те допира, таа те движи, ја умножува твојата љубов, верата и надежта, и исто така те доведува до тоа да ги оплакуваш своите гревови. И исто така, кога го гледаме Исус и Неговата мака: плачеме со Исус… Освен тоа… ти ја воздигнува душата кон небесните работи, Божјите работи, ти ја смирува душата со Господовиот мир. Тоа е вистинска утеха. Не станува збор за забава: забавата не е секогаш лоша, луѓе сме и таа ни е потребна. Но, утехата те зафаќа, и тогаш Божјото присуство станува „опипливо“, и човекот препознава: Тоа е Господ! – рече папата Фрањо.

Светиот Отец поттикна во молитвата да Му се заблагодаруваме на Господ кој доаѓа да нè посети, ни помага да одиме напред, за да се надеваме, за да можеме да го носиме крстот. На крајот поттикна да ја чуваме примената утеха. Чувајте ги трагите на утехата во своето сеќавање, како што народот Божји го чува сеќавањето на ослободувањето (од ропството). Чекајте ја утехата, препознајте ја и сочувајте ја. А кога ќе помине тој силен момент, што останува? Мир, мирот е највисокото ниво на утехата – заврши Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот