Папата упати сочувство по повод смртта на „готвачот на сиромашните“, Дино Импаљацо

Папата упати сочувство по повод смртта на „готвачот на сиромашните“, Дино Импаљацо

Папата Фрањо изрази сочувство во лично писмо до претседателот на заедницата Свети Егидиј, Марко Импаљацо, поради смртта на неговиот татко, Дино Импаљацо.

Во пораката, Светиот Отец се потсети на трудољубивоста и великодушноста на неговиот татко Дино, истакнувајќи дека го научил својот син да оди по патот на Евангелието. Дино Импаљацо почина во неделата, 25 јули, на 91 годишна возраст.

Папата се сретна лично со Дино Импаљацо пред пет години и разговараа за сиромашните и бездомниците во Рим. Кога дозна за неговата смрт, Папата сакаше да ја изрази својата блискост преку писмо упатено до еден од неговите синови – Марко – кој во моментов е претседател на католичката заедница Свети Егидиј.

„Смртта на родител, дури и ако е дел од Божјото таинство, секогаш предизвикува болка. Му благодариме на Господа за благословите што му ги даде на вашиот татко за време на неговиот земен живот. Тој ве научи да одите по патот на Евангелието, љубов кон сиромашните (го нарекуваа „готвач на сиромашните“); неговата секојдневна трудољубивост и великодушност се храбро сведоштво и вистинска лекција за живот“, истакнува Папата. Тој ја довери душата на Дино на Божјото милосрдие и ја изрази својата блискост и молитви до Марко и неговото семејство, молејќи за Божји благослов.

Дино Импаљацо својот живот го посвети на служењето на сиромашните. Го основа здружението „ RomAmor“ и беше член на Движењето на Фоколарите. Во Рим, тој бил познат како „готвач на сиромашните“ и редовно им делел топли оброци и основни потреби на бездомниците во Рим.

Неговиот погреб, одржан овој вторник, беше предводен од Апостолскиот милостинар, кардинал Конрад Краевски, а присуствуваа членови на заедниците на кои тој припаѓаше, како и многу сиромашни и бездомници на кои им служеше со години.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот