Папата упати видео порака за патувањето во Сараево

Пред своето доаѓање во Сараево на 6 јуни 2015 година папата Фрањо упати видео порака која што ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри!

Уште неколку дена до патувањето кое ќе ме донесе меѓу вас во Сараево. Таа мисла ми влева радост и сакам уште сега да упатам срдечен поздрав до сите вас кои живеете во тој град и во Босна и Херцеговина.

Доаѓам меѓу вас со Божја помош за верниците католици да ги зацврстам во верата, да искажам поддршка на екуменскиот и меѓурелигискиот дијалог и пред сè да охрабрам за мирен соживот во вашата земја. Ве повикувам да ми се придружите во молитвата за ова апостолско патување да може да донесе плодови на кои се надеваме за христијанската заедница и за целото општество.

„Мир вам!“ Тоа е мотото на мојата посета. Тие се зборовите со кои воскреснатиот Исус ги поздрави своите ученици во салата на Последната вечера, кога им се укажа на Воскресната вечер. Всушност, Он нашиот Господ и нашата надеж ни го дарува својот мир за да го примиме во своето срце и да го шириме со радост и љубов.

Од своја страна се подготвувам да дојдам меѓу вас како брат и гласник на мирот, за да ви изразам на сите– нагласувам на сите! – својата почит и своето пријателство. Би сакал на секој човек, на секое семејство, на секоја заедница да го навестам Божјото милосрдие, нежност и љубов.

Драги браќа и сестри во Босна и Херцеговина на сите вас ви ја донесувам својата љубов и силната духовна близина. Вас католиците ве охрабрувам да бидете со вашите сограѓани како сведоци на верата и Божјата љубов, придонесувајќи за изградбата на општество кое чекори кон мир во соживот и меѓусебна соработка.

Со копнеж да ве сретнам, го повикувам за Сараево и за целата земја благословот Господов и мајчинската заштита на Дева Марија. Ви благодарам и до скора средба.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот