Папата: Трговијата со оружје и присилната миграција – два итни предизвици за мир

Сите говорат за мир, сите говорат дека го сакаат, меѓутоа за жал ширењето на оружјето од секаков вид води во спротивен правец. Трговијата со оружје само го комплицира и го одложува судирот, во толку повеќе што се одвива и спроведува голем дел надвор од легалните рамки, рече папата Фрањо примајќи ги на 15 мај во аудиенција новите амбасадори на Швајцарија, Либерија, Етиопија, Судан, Јамајка, Јужноафриканската Република и Индија по повод примопредавањето на акредитивните писма.

Во говорот до амбасадорите Папата истакна дека постојат два итни предизвици за изградба на свет во кој ќе владее мирот: трговијата со оружје и присилната миграција. Мирот, рече Папата, е цел која не е никогаш потполно постигната, која бара секое ново поколение да ја бара, справувајќи се со предизвиците кои секое доба ги носи со себе. Сите говорат за мирот, сите говорат дека го сакаат, меѓутоа за жал ширењето на оружјето од секаков вид води во спротивен правец. Трговијата со оружје само го комплицира и го одложува судирот, во толку повеќе што се одвива и спроведува голем дел надвор од легалните рамки. Папата затоа ја изрази желбата меѓународната заедница да отпочне нов период на сложно и храбро заземање против ширењето на вооружувањето и за негово намалување.

Присилните миграции, пак, Папата ги нарече „права и вистинска човечка трагедија“. Иако оддава признание на големите напори кои ги преземаат меѓународните организации, држави, општествени реалности, верски заедници и доброволни здруженија да се одговори на најкритичните аспекти, Папата истакнува дека тоа заземање не смее да се ограничува само на тоа што побрзо и подобро да се одговори на ургентните ситуации на еден феномен така сложен и раширен што може да се нарече „епохален“. Чукна часот со тој проблем да се справи со сериозен и одговорен политички поглед, кој ги опфаќа сите нивоа: глобално, континентално, макрорегионално, односите меѓу народите, па сè до национални и локални нивоа, рече Папата.

Постојат, забележа Папата, од една страна прекрасни примери на човекољубие, средба, прифаќање, лица и семејства кои успеале да излезат од нечовечките услови и повторно да пронајдат достоинство, слобода и сигурност. Од друга страна за жал постојат примери кои нè тераат на плач и во нас предизвикуваат срам: „Човечки битија, наши браќа и сестри, деца Божји кои, носени од желбата да живеат и работат во мир, се впуштаат на погибелни патувања и трпат уцени, мачења, секакви злоупотреби и на крајот понекогаш го губат животот во пустина или на дното на морето. Тоа се рани на еден свет кој е наш свет, во кој Бог нас нè стави да живееме денес и нè повикува да бидеме одговорни за нашите браќа и сестри, како не би се кршело достоинството на ниедно човечко битие“, рече Папата.

Во заклучокот рече како би било „апсурдно противречно“ да се говори за мирот и истовремено да се дозволува трговијата со оружје, а исто така би било „цинично“ да се прогласуваат човечки права игнорирајќи ги мажите и жените кои умираат присилени да ја напуштат својата земја.

РВ/ С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот