Папата: Тешко на христијаните лицемери кои го оставаат Исус во црквата

Папата: Тешко на христијаните лицемери кои го оставаат Исус во црквата

Лицемерието на праведниците е страв од Исусовата љубов, се плашиме да дозволиме да нѐ сака.

Христијанското лицемерие значи да се преправаме однадвор дека сме христијани, а да живееме како погани – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 5 октомври 2018 година и предупреди; Ние кои сме родени во христијанско општество во опасност сме христијанството да го живееме како општествена навика, на надворешен начин, лицемерно како праведници кои се плашат да дозволат да бидат сакани.

Кога ќе заврши светата Литургија го оставаме Исус во црквата, не се враќа со нас дома, во секојдневниот живот. Тешко на нас! Така го истеруваме Исус од нашето срце. Ние сме христијани, но живееме како погани – рече Папата и ги повика сите да ја испитат совеста врз основа на Евангелието според Лука за денешната Литургија и Исусовиот укор на луѓето од Витсаида, Хоразин и Капернаум кој и покрај чудата не верувале во Него.

Исус се растажил затоа што го отфрлиле, ги спомнува паганските градови Тир и Сидон напоменувајќи дека сигурно би поверувале ако тие ги виделе Неговите чуда – рече Светиот Отец и објасни: Плаче затоа што тие луѓе не биле способни да љубат, а Он сака да дојде во сите срца со пораката која не е диктаторска, туку порака на љубовта. Да се замислиме себе на местото на жителите на тие три града. Сме примиле многу од Господ, родени сме во христијанско општество, сме го запознале Исус Христос и сме воспитани во верата. Сепак, многу лесно го забораваме Исус. Потоа слушаме како другите луѓе што го слушнат Исусовото навестување се преобраќаат и го следат, а ние на тоа сме се навикнале.

Таа навика е лоша затоа што го сведуваме Евангелието на општествен и социолошки факт, а не на личен однос со Исус – рече папата Фрањо и продолжи. Исус ни зборува на нас, на секој од нас. Исусовата проповед е за секој од нас. Како тоа поганите што ја слушнат Исусовата проповед веднаш одат по Него, а ние кои сме родени во христијанско општество, се навикнуваме; христијанството како да е општествена навика, како облека која сме ја носеле и потоа сме ја оставиле? Исус плаче над секој од нас кога живееме надворешно, а не реално христијанство.

Ако така правиме тоа е лицемерие на праведниците – рече Папата и објасни: Постои лицемерие на грешниците, но лицемерието на праведниците е страв од Исусовата љубов, се плашиме да дозволиме да нѐ сака. Всушност, кога тоа го правиме се обидуваме да го управуваме односот со Исус. Да, одиме на света Литургија, но Ти остани во црквата, а ние дома ќе се вратиме сами. Исус не се враќа со нас во семејството, во воспитувањето на децата, во училиштето и населбата.

Така Исус останува таму во црквата, на крстот и на сликата – рече Светиот Отец и предложи: Денес можеме да ја испитуваме својата совест на Исусовите зборови: „Тешко тебе, тешко тебе“, затоа што многу сум ви дал, а вие повеќе сакате делумен и површен живот; малку христијански живот и благословена вода, но ништо повеќе од тоа. Всушност, кога се живее такво христијанско лицемерие, значи дека го истеруваме Исус од своето срце. Се преправаме дека го имаме, но сме Го истерале. Христијани сме, горди сме на тоа, но живееме како погани.

Сите мораме да се запрашаме: Дали сме Хоразин, Витсаида и Капернаум? Ако Исус плаче мора да молиме за милост за да плачеме и ние. Можеме тоа да го направиме со молитвата: „Господи, Ти многу си ни дал. Нашите срца се колку тврди што Ти не можеш да влезеш. Бевме неблагодарни. Го молиме Светиот Дух да ја скрши вратата на нашите срца за Исус да може да влезе, за да не го слушаме само Исус, туку и Неговата порака за спасение, за да се заблагодариме за многуте добри работи кои ги направил за секој од нас – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот