Папата: Тереза Авилска, „учител на молитвата“

„Извонредна жена и учител на молитвата“, која ѝ служи на Црквата со „мисионерска храброст“, така папата Фрањо го опишува ликот на света Тереза Авилска во писмото до Генералниот настојател на босоногите кармилитанки, по повод 500 години од раѓањето на големата шпанска мистичарка

Тереза не се ограничува да биде „гледач“ на реалноста што ја опкружува, туку станува „неуморен гласник на Евангелието“ и покрај нејзиното кревко здравје, таа е „учител на молитвата“ за сите, пишува Папата во писмото. „Молитвата на Тереза не се ограничува на едно место и еден момент од денот, туку спонтано извира при најразлични ситуации“. „Убедена во вредноста на долготрајната молитва, светицата нè повикува да бидеме постојани во верата, дури и при искушенијата, личните тешкотии или итните потреби“.

„За обновувањето на богопосветениот живот денес – забележува Папата – Тереза ни остава големо богатство, исполнет со конкретни предлози, патишта и методи на молитва, кои ја надминуваат надворешната лична осаменост и внатрешната рамнотежа и нè водат секогаш кон Исус. Тие претставуваат вистинско училиште за зголемување на љубовта кон Бог и кон ближниот“.

За Папата, иако на растојанието од пет века, Тереза Авилска останува и денес „сигурен водич и привлечен пример за сеопфатното дарување на Бога“. „Како и досега, така и денес светицата ни открива нови хоризонти и нè повикува кон градење на еден голем проект, за да го гледаме светот со очите на Христос и го бараме она што Тој го бара и го сакаме она што Тој го сака“.

На крајот, Папата ги повика заедниците на сестрите кармилитанки да се претворат во „домови на заедништво, да ја сведочат братската љубов и мајчинството на Црквата, претставувајќи ги на Господ потребите на светот, измачуван од поделбите и војните“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот