Папата: Со конкретни гестови на љубовта против рамнодушноста и стравот

Папата: Со конкретни гестови на љубовта против рамнодушноста и стравот

На 27 јануари 2019 година по завршната света Литургија, папата Фрањо го посети домот „Добриот Самарјанин“ институција која со поддршка на Црквата е основана во 2005 година со цел давање помош и поддршка на лицата заболени од ХИВ/СИДА.

Да бидам со вас за мене е поттик да ја обновам надежта. Ви благодарам што тоа го правите можно – рече Светиот Отец на почетокот од говорот во кој се фокусираше на можноста за нов живот во Христос кој преку Светиот Дух ни ги отвора очите за да ги видиме другите не само како свои соседи, туку како ближни и да им приоаѓаме со конкретни гестови, оставајќи ја на страна теоријата и убавите и возвишени говори кои не оживотворуваат.

Повторно роден

Подготвувајќи се за оваа средба го прочитав сведоштвото за еден штитеник на овој дом кој ме трогна во срцето со зборовите: „Овде сум повторно роден“ – рече Папата и додаде, овој дом и другите институции од кои доаѓате се знак на новиот живот кој Господ сака да ни го даде. (…)

Да дозволам ближниот да ме трогне

Одговарајќи на прашањето „Кој е мој ближен“ од Евангелието според Лука, Папата рече дека ближниот е човекот, лицето со кое се среќаваме на патот и на кое му дозволуваме да нè трогне и отргне; да нè отргне од нашите шеми и приоритети, и да нè трогне во нашата внатрешност за да направиме за него простор во својот живот. Така тоа го сфаќал Добриот Самарјанин наоѓајќи се пред човек кој полу мртов го оставиле на работ на патот, не само разбојниците, туку и рамнодушноста на свештеникот и левитот кои немале храброст да му помогнат; дали заради некои бедни пари, или заради страв да не се извалкаат или заради презир и општествено гадење. Рамнодушноста ранува и убива како вирус – предупреди Папата.

Тивкото и мајчинско лице на Црквата

Осврнувајќи се повторно на институцијата „Добриот Самарјанин“, Светиот Отец рече дека тоа место и другите места слични на него, го откриваат тивкото и мајчинско лице на Црквата кое обично не се гледа или поминува незабележано, но кое секогаш е знак на Божјите конкретни благодати и на нежноста и е жив знак на добрата вест за воскресението кое денес делува во нашиот живот. За дом е потребна соработката на сите. Никој не може да биде рамнодушен или на страна затоа што секој камен е потребен за негово градење. Тоа ја вклучува молитвата до Господ за благодатта да нè научи на трпение, да научиме да простуваме, секој ден да започнеме од ново. И колку пати да простиме или да започнеме од почеток? Седумдесет пати по седум, сè што е потребно. Создавањето на силни врски бара доверба која се храни со секојдневното трпение и простување – рече Папата.

Сон за божествен свет

Овде сите сме повторно родени затоа што го чувствуваме милувањето на Бог кој ни дозволува да сонуваме за похуман, а со тоа и божествен свет – рече Светиот Отец и потоа им се заблагодари на волонтерите, добротворите, на сите институции и на оние кои овозможуваат Божјата љубов да стане конкретна и реална во очите на оние кои ги опкружуваат и препознавајќи во нив свои ближни.

Ставете ги грижите под плаштот на Марија

Пред молитвата Ангел Господов, Папата сите ги довери на Блажена Дева Марија и поттикна на молитва до добрата Мајка на Која и се познати нежноста и близината, да нè научи на внимателност за едни на други да си излеземе во пресрет и да пружиме дом, прегратка, засолниште и братска љубов. Тоа е мисија во која сите сме вклучени – рече папата Фрањо и на крајот сите ги повика грижите, потребите, болката и раните да ги стават под плаштот на Марија за Таа како добра Самарјанка, да дојде кај нас и да ни помогне со своето мајчинство, нежноста и мајчинската насмевка.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот