Папата со канадските Исусовци: Кога Црквата е обединета, можат да се случат чуда

Папата со канадските Исусовци: Кога Црквата е обединета, можат да се случат чуда

Списание на Друштвото Исусовци „La Civiltà Cattolica“ го објави разговорот на Папата со членовите на Друштвото Исусовци за време на неговата Апостолска посета на Канада. На средбата на 29 јули Светиот Отец меѓу другото зборуваше за моќта на синодалноста, грижата за Хаити и Литургијата.

Црквата е синодална или не е Црква. Папата го повтори овој концепт драг за него на средбата со околу 15 членови на Друштвото Исусовци во Апостолската нунцијатура во Квебек, Канада, минатата недела, на последниот ден од неговата Апостолска посета на земјата. Според обичајот, содржината на средбата со Светиот Отец ја објави Исусовскиот весник „La Civilità Cattolica“, а текстот го потпишува директорот на списанието, патер Антонио Спадаро.

На своите Апостолски патувања, Светиот Отец веќе традиционално одвојува време за приватен момент за да се сретне со своите браќа, одговарајќи на прашања од присутните во неформален разговор. Меѓу Исусовците во Канада беше и префектот на Ватиканската дикастерија за целосен човечки развој, кардинал Мајкл Черни.

Синодата и единството на Црквата во Канада

Синодата, потсети папата Фрањо на средбата, не е политички собир, ниту комисија за парламентарни одлуки. Тоа е израз на Црквата каде што главниот протогонист е Светиот Дух, како што е наведено во Дела на Светие Апостоли. Синода значи да одиме заедно – и токму тоа беше мотото на 37. Апостолска посета на Папата: прилика во која се покажа единството на Црквата, забележа римскиот бискуп, цитирајќи ја изреката: „Ако сакате да одите брзо, одете сами, ако сакате да одите сигурно, одете со придружба“.

Процесот на помирување со домородните народи не е завршен, но најважно е што бискупите се согласија, го прифатија предизвикот и продолжија понатаму. Канада, истакна Папата, беше пример за обединети бискупи, а кога бискупството е обединето, може добро да се справи со предизвиците што се појавуваат.

Успехот на процесот на помирување Папата не го припишува на неговата посета. Ако оди добро, тоа е поради бискупите, „кои сè направиле со своето единство“.

Папата исто така ја истакна и способноста на домородните народи кои добро се ангажираат за ова прашање и се посветуваат. Говореше за близината која се забележува меѓу бискупите и домородните народи: тоа се чуда што можат да се случат кога Црквата е обединета, нагласи Папата.

Господ им дава сила на слабите

Затоа, предупреди тој, еден од најлошите непријатели на единството на Црквата е идеологијата. Вистинската сила на Исусовецот, продолжи тој, е свесноста за сопствената кршливост. Господ е тој што ни дава сила, истакна Светиот Отец.

Папата Фрањо потоа беше прашан за некои коментари кои се појавија во печатот за време на неговото патување во Канада, како на пример зошто Папата се извинува во име на христијаните, но не и од Црквата како институција. Зборувам во име на Црквата и кога тоа не го кажувам директно, појасни Светиот Отец. Токму спротивното, објасни тој, морам директно да кажам дека нешто е моја лична мисла кога не зборувам во име на Црквата.

На прашањето зошто на ова патување не се сретнал со жртви на сексуална злоупотреба, Папата објасни дека најпрво сакал многу јаснои силно да ја нагласи тема на патувањето, која се однесува на домородните народи.

Автентична традиција наспроти традиционализам

Продолжувајќи на таа тема, еден Исусовец меѓу присутните ги забележа бројните промени, кои Папата ги направи на казнено ниво во однос на злоупотребата. Исусовецот смета дека овие промени се добри за Црквата. Требаше да се направат промени и тие се направени, рече Светиот Отец. Законот не може да се чува во фрижидер. Законот го следи животот и животот продолжува. Како и моралот, тој се подобрува. Човечкото разбирање, продолжи тој, се менува со текот на времето, а свеста се продлабочува. Визијата за црковната доктрина како монолитна е погрешна.

Затоа е неопходно да се почитува автентичната традиција, „живиот спомен на верниците“. Спротивно на ова е традиционализмот, истакна Папата, кој е „мртов живот на верниците“. Оправдувањето за секоја постапка со зборовите „ова отсекогаш се правело“ Папата го нарече „паганизам на мислата“.

Литургија и единство на Црквата

Одговарајќи на прашање за Литургијата и единството на Црквата, папата Фрањо потсети, од една страна, на „монструозните литургиски деформации“ во Латинска Америка пред 30 години, а од друга страна, на „назадната опиеност од древноста“.

Мојата активност во оваа област, објасни Папата, има за цел да ја следам насоката по која одеа Иван Павле II. и Бенедикт XVI, кој го дозволиja стариот обред и бараа дополнителна проверка. Последната проверка јасно покажа дека има потреба да се регулира оваа практика, а пред сѐ да се избегне да стане помодно прашање, туку да остане пасторално прашање. Папата рече дека со нетрпение ги очекува студиите кои ќе го подобрат размислувањето за ваква важна тема, бидејќи, како што рече, Литургијата е јавно славење на Божјиот народ.

Искушението низ кое поминува Хаити

Канадската провинција на Друштвото Исусовци, исто така, се сети на Хаити, размислувајќи за тешкиот процес на национално помирување што е во тек во таа земја. На Хаити му претстои искушение, коментира Светиот Отец, наведувајќи дека чувствува голема близина со таа земја. Мислам дека меѓународните организации не разбраа што треба да се направи, додаде тој, барајќи конкретни решенија за излез од кризата и предлагајќи иницијативи за молитва и покајание дека Црквата може да му помогне на „благородниот“ народ на Хаити да расте во надеж.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот