Папата: Смртта и омразата го немаат последниот збор

Папата: Смртта и омразата го немаат последниот збор

Веруваме и знаеме дека смртта и омразата го немаат последниот збор во приказната за човечката егзистенција. Да се биде христијанин отвора нова перспектива, поглед полн со надеж – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција која ја одржа на 23 август 2017 година во салата Павле VI.

Во своето размислување за надежта се осврна и на трагедијата која го погодува современиот свет.

Бог секогаш ни е близу и сѐ прави ново – потсети Светиот Отец поаѓајќи од библискиот дел од Книгата Откровение на светиот богослов Иван, кој зборува за небесниот Ерусалим, конечното одредиште на христијанското поклоничко патување. „И Седнатиот на престолот рече: „Ете, сѐ ново создавам“ (Откровение 21, 5). Во пророштвото на свети Иван, станува збор за Божјата утеха и Бог Кој ја бриши секоја солза.

Папата ги поттикна присутните да не ја изгубат надежта па и тогаш кога се соочени со денешните страшни и трагични вести. Обидете се да размислувате за овој библиски дел, не на апстрактен начин, туку откако сте ги прочитале вестите  на нашите денови или сте виделе на телевизија: голем број трагедии, тажни вести, на кои би можеле да се навикнеме – поттикна папата Фрањо и продолжи: Поздравив неколку луѓе погодени од нападот во Барселона, како и луѓе од Конго, колку само тажни вести доаѓаат од тие земји! А колку ли пак има други! Сетете се на исплашените лица на децата во војна, плачот на мајките, уништените соништа на голем број млади, бегалци кои преземаат страшни патувања и така се искористуваат…

Тие солзи, таа болна и тажна страна на животот на многу луѓе, не значи бесмисленост – рече Светиот Отец. Во царството Божјо ништо нема да биде изгубено, ништо, ниту една солза и ниту една насмевка. Бог не го сакаше нашиот живот по грешка, присилувајќи се себе и нас на тешки ноќи на вознемиреност. Нѐ создаде затоа што сака да бидеме среќни. Тој е наш Отец и ако овде и сега доживуваме дека нашиот живот не е онаков каков што Тој го сака за нас, Исус ни гарантира дека Бог работи на откупување – нагласи Папата.

Христијанската надеж се карактеризира токму со надеж – продолжи папата Фрањо. Нехристијански е да се оди со поглед насочен кон долу, никогаш не подигнувајќи очи кон хоризонтот, како нашиот живот да е без цел и пристаниште. Исто така нехристијански е да се гледа само во младоста или да се смета човечкиот живот за бесмислен, а нашите среќи да се само минливи и краткотрајни. Светиот Отец на ова место ги повика сите да направат испит на совеста и ги поттикна никогаш да не ја изгубат надежта.

Би сакал сега нешто да ве прашам и нека секој во своето срце одговори: дали сум маж или жена, момче или девојка на пролетта или есента? Дали сум човек на пролетта, исчекувајќи цвет, плод, сонце кое е Исус? Или есен, со поглед насочен кон долу, огорчен, со кисело лице? – заврши папата Фрањо.

Папата после катехезата ја изрази својата близина на сите оние кои страдаат заради земјотресот кој во понеделникот навечер го погоди италијанскиот остров Исксија во близина на Неапол. Најмалку 2 лица настрдаа, а од урнатините пожарникарите спасија три деца, вклучувајќи и 7 месечно бебе. Околу 40 луѓе се повредени, а 2.600 луѓе останаат без своите домови. Папата Фрањо се помоли за загинатите и ранетите, за нивните семејства, како и за оние кои ги загубија своите домови.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот