Папата служеше светата Литургија за починатите кардинали и епископи

Папата служеше светата Литургија за починатите кардинали и епископи

Присетувајќи се на светата Литургија во базиликата Свети Петар на 17 кардинали и 191 епископ кои починаа во изминатата година, Светиот Отец повика на поинаков поглед на неволјите – во вознемиреностите кои за нас немаат смисла, Бог ни приоѓа за да нѐ спаси.

Во искушенијата и потешкотиите, треба да ја научиме уметноста на чекањето на Господ. Да Го чекаш послушно и со доверба, нагласи папата Фрањо во хомилијата на светата Литургија одржана во спомен на починатите кардинали и епископи во изминатата година. Некои починале заради болеста Ковид-19, во тешки ситуации кои го влошиле страдањето, рече Светиот Отец. Тој сподели размислување за довербата во Бог која за да созреваме, бара верна трпеливост и кротка душа.

Така се подготвуваме за последниот и најголем животен испит, смртта. Но, прво доаѓаат моменталните искушенија, крстот кој сега го имаме и заради кој го молиме Господ за милост да можеме токму овде, да го чекаме неговото спасение кое доаѓа, рече Папата.

Но, секој од нас, истакна, мора во тоа да созрева. Соочени со животните потешкотии и проблеми, тешко е да имаш трпение и да останеш мирен. Доаѓа до раздразливост и обесхрабрување. Така може да се случи и силно искушение на песимизам и малодушност да гледаме сѐ црно и да се навикнеме на обесхрабрени тонови на приговарање. Се случува и да не можат да нѐ утешат добрите спомени, затоа што неволјата го наведува умот да се задржи само на лошите моменти. Така расте горчината и животот изгледа како непрекинат ланец на неволји.

Меѓутоа токму во моментот кога изгледа дека го допираме дното, Господ прави пресврт. Во бездната, во вознемиреноста која за нас нема смисла, Бог ни приоѓа за да нѐ спаси, рече Папата. А кога горчината ќе го достигне врвот, надежта процветува. Папата исто така порача дека среде болката, оние кои се блиску до Господ гледат како страдањето се претвора во врата низ која влегува надежта. Ако благосостојбата не ретко нѐ направи слепи, површни и горделиви, рече папата Фрањо, тогаш поминувањето низ искушение, проживеано со вера, нѐ препородува и покрај тврдоста и солзите. Таквото искушение нѐ обновува затоа што отстранува многу отпад и нѐ учи да гледаме подалеку од темнината, од прва рака го допираме Господ Кој навистина има моќ и спасува. Ако болката и понатаму е таинство, токму во него можеме да го откриеме на нов начин Божјото татковство кое ни е блиску во искушението. Во болката Бог нѐ придружува како татко кој му помага на синот да расте, останува во неговата близина за време на тешкотијата без да се забележи. Па, кажа Папата, пред таинството на откупителната смрт треба да се бара милост на неволјите да гледаме со поинакви очи.

Да молиме за сила, за да знаеме да живееме во блага и верна тишина која го чека спасението Господово, без приговарање, мрморење, не давајќи да се жалостиме. Она што изгледа како казна ќе се покаже како милост, нов израз на Божјата љубов кон нас. Да знаеш да Го чекаш во тишина спасението Господово, е уметност на патот на светоста, рече Папата.

Во ова време таа уметност е уште поскапоцена, потребно е секој со својот живот да ја сведочи верата која е послушна и полна со надеж. Светиот Отец исто така истакна дека христијанинот не ја намалува тежината на страдањето и го дига погледот кон Господ. Во искушението се доверува на Него и се моли за оние кои страдаат – ги држи очите свртени кон небото, но рацете му се секогаш испружени кон земјата за конкретно да му служи на ближниот. Папата Фрањо ја заврши хомилијата присетувајќи се на починатите кардинали и епископи, молејќи да можат да уживаат во радоста на Царството Небесно.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот