Папата: Сиромаштвото е во центарот на Евангелието

Ако од Евангелието се отстрани сиромаштвото не може да се разбере Исусовата порака – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 16 јуни во капелата на домот Света Марта и рече: кога верата не доаѓа до џебот тогаш не е вистинска вера.

Размислувајќи за Посланието до Коритјаните, Папата зборуваше за контрастот на богатството и сиромаштвото и рече дека е неправеdно свештениците и епископите кои зборуваат за сиромашните да се наречат „комунисти.“

Свети Павле во Црквата во Коринт организирал собирање милостиња за ерусалимската црква која се наоѓала во проблеми. Зборувајќи за „теологијата на сиромаштвото“ Папата рече дека сиромаштвото е „збор кој секогаш создава непријатност“. Често може да се слушне како за свештениците, епископите и христијаните кои зборуваат за сиромаштво се вели дека се „малку комунисти“. Меѓутоа, истакна Светиот Отец сиромаштвото е во центарот на Евангелието и кога би го отстраниле, Исусовата порака воопшто не би се сфатила.

Зборувајќи за Црквата во Коринт, свети Павле истакнува во што биле вистински богати: „во верата и словото, разумот и секоја усрдност и љубовта.“ Затоа ги поттикнува: „така нека изобилува во вас и таа добродетел“, односно во собирањето за ерусалимските христијани. Како што рече Папата, ги поттикнува зборувајќи им: Ако имате толку богаство во срцето, тогаш тоа богатство нека дојде и до џебот. Тоа е „златно правило“: кога верата не доаѓа до џебот, тогаш не е вистинска вера – рече Светиот Отец.

Постои контраст помеѓу богаството и сиромаштвото, Ерусалимската црква е сиромашна се наоѓа во економски проблеми, но е богата, бидејќи го има богаството за навестување на Евангелието и ја збогатила црквата во Коринт, давајќи и го богаството на Евангелието. А Коринтјаните економски богати, биле сиромашни без Евангелието; меѓутоа ја збогатиле ерусалимската црква. Се работи за меѓусебна размена. Еве, затоа темелите за „теологијата на сиромаштвото“ – рече Папата – Исус Христос „бидејќи богат осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија.“ Во тоа го наоѓаме и значењето на првото блаженство: „Блажени се сиромашните по дух.“ Тоа значи да дозволиме да нè збогати Христовото сиромаштво, не сакајќи да се збогатиме со со друго богаство кое не е негово.

Каритативните дела се добри – но тие не се христијанско сиромаштво за кое говори и за кое проповеда свети Павле. Христијанското сиромаштво е во тоа – рече Светиот Отец – на сиромашниот да му дадеме од себе, не од вишокот, бидејќи знам дека тој ме збогатува. А зошто сиромавиот ме збогатува – праша Папата и веднаш одговори: Бидејќи Исус кажа дека Тој самиот е во сиромавиот.

Кога ќе се лишам од нешто – не само од вишокот – и тоа го дарувам на сиромавиот, на сиромашна заедница тоа ме збогатува. Кога тоа го правам во мене делува Исус, како што делува и во оној на кому му давам за при тоа да ме збогати – објасни Папата. Тоа е теологија на сиромаштвото. Сиромаштво кое се наоѓа во центарот на Евангелието не е идеологија, туку таинство на Христос кој се намали, се понизи и осиромаши за нас да нè збогати – истакна Светиот Отец.

Во тоа светло се сфаќа зошто е прво блаженство „Блажени се сиромашните по дух“; затоа да бидеш сиромашен по дух значи да одиш по Господовиот пат. Тој во своето сиромаштво толку се намалува – рече Папата – што во литургиската жртва доаѓа во вид на леб и вино за да нè збогати.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот