Папата: Сидата можеме да ја победиме само ако сме обединети

„Борбата против сидата може да биде успешна само ако бидеме обединети“, ова го вели Папата Фрањо во порака до Осмата Конференција за борба против СИДА, организирана од International AIDS Society во Канада, која се одржа од 19 до 22 јули во Ванкувер.

Во пораката Папата ја изразува својата поддршка и почит кон сите ангажирани за спасување на човечкиот живот, особено преку антиретровирусна терапија и превентивните мерки. „Овие напори се сведоштво за можноста за постигнување на позитивен резултат кога сите јавни сектори ќе се обединат околу една заедничка цел“. Папата уверува дека се моли за напредокот во фармацијата, терапијата и истражувањата да бидат придружувани од цврстото убедување да се промовира севкупниот развој на човековата личност, потсетувајќи дека секој човек е „син сакан од Бог“.

Пораката на Папата, потпишана од државниот ватикански секретар кардиналот Пјетро Паролин, е испратена до Хулио Монтанер, претседател на Конференцијата и директор на болницата Свети Павле во Ванкувер. Станува збор за католички институт, основан од Сестрите на Божјото провидение, чија мисија се карактеризира со грижата кон болните од смртоносниот вирус, како и со врвни истражувања, демонстрирајќи дека раната дијагноза и терапија на вирусоносителите на ХИВ не само што спасуваат човечки животи, туку исто така, претставуваат 96% од превенција на ширењето на болеста. Овогодишната тема на конференцијата во Ванкувер беше „Третманот како превенција“ во која меѓународни експерти го потврдија присуството на научни докази дека до 2030 година сидата нема да биде сметана за посебен случај во здравството, ако 90% од вирусоносителите на ХИВ имаат правилна дијагноза и започнат со антиретровирусна терапија.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот