Папата се сретна со припадниците на италијанските карабињери

По повод 200 годишнината од формирањето на карабињерите, корпусот на италијанските копнени воени сили, Светиот Отец во петок 6 јуни 2014 на плоштадот Свети Петар се сретна со нивните претставници и членови. На почетокот Папата им посака на сите добредојде, а посебно се спомна на војниот ординариј монсињор Марчијано со капеланите, чија присутност во овој воен амбиент е многу важен за верата.

Папата Фрањо истакна дека обележувањето на ова 200 годишнина значи да се помине, повторно низ италијанската историја, која ја покажува силната поврзаност на карабињерите и нивната земја. Посебно тоа е видливо кога се работи за солидарноста, довербата и предаденоста во јавната служба и заедничкото добро. Карабињерите ги има насекаде; по целата национална територија и токму таа капиларна присутност ве повикува на учество во животот на заедницата за која сте одговорни, настојувајќи да бидете близу до народот кој го мачат проблеми, посебно на лицата коие се најслаби или кои имаат потешкотии, истакна Светиот Отец.

Вашето звање е служење; служење во заштита на одредени лица, како и на околината, во безбедносното делување, во почитувањето на прописите на граѓанскиот соживот како и во заштитата на јавните добра, истакна Папата и додаде дека станува збор за постојано и конкретно заземање во одбрана на правата и должностите на поединците и заедниците. Освен тоа, во динамично и отворено општество како ова, тоа создава неопходни услови, како за поединците, така и за заедниците, да можат слободно да се изразуваат, созреваат и така посебно да одговорат на посебниот Божји повик, кој го дава Бог на секој од нас, истакна Светиот Отец.

Драги карабињери, вашето послание е изразено во служење на ближниот и во потребата секојдневно да одговорите на довербата и почитта која ви ја искажува народот. Тоа од вас бара постојана расположливост, трпение, дух на жртвување и чувство и смисла за должност. Во својата работа сте исполнети со историја испишана со служење на државата и на вашите предци, кажа папата Фрањо.

Папата потсети на Слугата Божји Салво Д’Аквиста, кој на возраст од 23 години, го понуди својот млад живот, за да спасува невини животи од нацистичките суровости. Под светло на оваа долга традиција, мирно и великодушно продолжете ја својата служба, сведочејќи за идеалите што ве движат вас и вашите семејства, кои се секогаш со нас, поттикна Папата. Од голема важност е вашата посветеност и надвор од националните граници. Дури и во странство, настојувајте да бидете миротворци, за да се гарантира сигурноста, почитувањето на човечкото достоинство и на човековите права во земјите измачени со судири и напнатост од сите видови. Не застанувајте ниту во татковината ниту надвор од неа, во јасното и радосното сведочење на човечноста, посебно кон тие што имаат најмногу потреба и се несреќни.

Нека над вас, над вашите семејства и над вашата служба бдее Девица Марија, вашата небеска Заштитница која ја почитувате под името Верна Девица. Кон неа одете со доверба, посебно во моментите на замор и потешкотија, таа сигурно како најнежна Мајка ќе знае на својот Син Исус да ги претстави вашите потреби и очекувања, рече Папата.

Папата исто така сакаше да соопшти дека на 13 септември ќе го посети военото светилиште Ре ди Пулија, во Горица, за да моли за сите загинати во војните.

Тогаш се обележува и стогодишнината од големата трагедија на Првата светска војна, за која, како што кажа Папата, слушал од устата на својот дедо и така слушнал за многу болни настани. Светиот Отец на крајот им се заблагодари на карабињерите за посетата во толку голем број и ги поттикна да измолат едно Радувај се Маријо за карабињерската служба, за нивните семејства, за државните власти и за загинатите за татковината, благословувајќи ги карабињерите и нивните семејства.

РВ/Н.В.

Категорија: Ватикан

За авторот