Папата се сретна со претставници на домородните народи

Папата се сретна со претставници на домородните народи

Еден од најважните настани од посетата на папата Фрањо на Перу беше средбата со домородното населени од Амазонија, одржан во спортскиот комплекс „Колизео Мадре де Диос “ во Пуеро Малдонадо.

За прв пат еден Папа ја посети областа на Амазонските Екваторијални шуми. На таа посебно очекувана средба присуствуваа околу 4000 претставници на различни домородни народи. Папата ја истакна загриженоста за правата на домородното население, за лошата состојба на тропските шуми и неопходноста од грижата за „нашиот заеднички дом.“ Пораката на Папата беше упатена не само кон народот од Амазонија, но и кон човечкото семејство.

Папата започна со зборови на благодарност и изрази голема радост за присуството на многубројните претставници на народите од регионот Амазон. „Силно ја сакав таа средба. Ви благодарам за вашето присуство, затоа што можам да го видам во вашите лица обликот на таа земја и огромното биолошко, културно и духовно наследство“, истакна Папата.

Папата во својот говор предупреди дека денес домородните амазонски народи веројатно се најзагрозените, затоа што од една страна се економските интереси кои сакаат да ги искористат природните богатства на Амазонија, а од друга страна се оние кои во името на „зачувувањето“ на природата, штетат на народите кои живеат во таа област. Треба да ја прекинеме историската парадигма која ја смета Амазонија за неисцрпен извор на залихи за другите земји, а притоа не земајќи ги во предвид нејзините жители – истана Светиот Отец напоменувајќи дека е неопходно создавање на институционален израз на почитување, препознавање и дијалог со домородните народи, признавајќи ја и повторно откривајќи ја нивната култура, јазиккот, традицијата, правата и духовноста. Признавањето и дијалогот ќе биде најдобриот начин за преобразување на односите чија историја е обележана со исклучување и дискриминација.

Истовремено – продолжи папата Фрањо – праведно е да се признае постоењето на ветувачките иницијативи кои доаѓаат од страна на вашите заедници и организации кои се залагаат домородните народи и заедници да бидат чувари на шумата. Светиот Отец рече ресусрсите обезбедени со таквото зачувување ќе помогнат на семејствата и заедниците, таквиот облик на „правење добро“ е во согласност со праксата на „доброто живеење“ која се пронаоѓа во мудроста на нашите народи. Вие сте живо сеќавање на посланието кое Бог на сите ни го довери: заштитата на нашиот заеднички дом – рече Папата додавајќи дека заштитата на земјата нема друга цел освен заштита на животот.

Домородните народи како и нивното постоење не го загрозува само еколошкото загадување кое е последица на незаконското рударство, туку поврзана со тоа е и трговијата со луѓе, ропската работа и сексуалната злоупотреба. Насилството над младите и жените вика во небото – нагласи Светиот Отец и продолжи: Секогаш сум чувствувал болка заради многумина кои се жртви на различни облици на трговија со луѓе. Каде е твојот поробен брат, твојата поробена сестра? Да не ја свртуваме главата! Ова прашање се однесува на сите нас! – рече Папата додавајќи дека Црквата никогаш нема да престане да го крева гласот за отфрлените и оние кои страдаат.

Папата Фрањо ја истакна потребата за заштита на т.н. „домородни народи во доброволна изолација“ кои заминале во најнепристапните делови на шумата за да ја живеат слободата. И понатаму ги заштитувате најранливите браќа и сестри – рече Папата. Нивното присуство нè потсетува дека не можеме да ги користиме добрата наменети за сите следејќи ги барањата на потрошувачката алчност, туку треба да се постават ограничувања кои ќе нè сочуваат од плановите за масовно уништување на живеалиштата. Признавањето на тие народи нè потсетува дека не сме апсолутни сопственици на создаденото. Нивната космичка визија може да нè научи на многу работи – рече Светиот Отец.

Културата на нашите народи е знак на животот – рече Папата напоменувајќи дека Амазонија не ја карактеризира само биоразноликоста, туку и културното богатство кое треба да се сочува пред новите облици на колонијализам. Токму семејството била и е општетсвена институција која најмногу придонела за одржувањето на нашата култура на животот. Во минатите кризи, соочени со различни облици на империјализам, семејствата на домородните народи беа најдобрата одбрана на животот – рече Светиот Отец истакнувајќи ја потребата за слушање на постарите затоа што ја поседуваат мудроста која ги поврзува со трансцедентното и им помага да го видат она најважното во животот. Да не заборавиме дека исчезнувањето на културата може да биде исто сериозно, ако не и посериозно од исчезнувањето на животинските и растителни видови – нагласи папата Фрањо.

Образованието помага во градењето на мостови и во создавањето на културата на средба – продолжи Светиот Отец. Образованието на домородниот народ мора да биде приоритет и обврска на државите: интегрирано и инкултурално определување кое ја препознава, почитува и ја интегрира нивната стара мудрост како богатство кое припаѓа на целата земја. Потоа Папата ги замоли своите браќа епископи да продолжат да го промовираат меѓукултурното и двојазичното образование во училиштата, на универзитетите, и во другите образовни институции. Папата рече дека ги поддржува напорите на младите припадници на домородните народи од нивна точка на гледање да изградат нова антропологија, одново да ја протолкуваат историјата на својот народ од сопствена перспектива, а исто така ги поттикна уметниците во нивните стремежи на светот да му го покажат културното богатство и погледот на светот на домородните народи во Амазонија.

Потсетувајќи на тоа само колку мисионери се посветиле на нив и во одбрана на нивната култура затоа што биле вдахнати од Евангелието, им рече дека Црквата не е на страна од нивните проблеми и животи, дека таа не сака да биде далеку од нивниот начин на живот и организација. Потребни ни се домородните народи за да ја обликуваат културата на локалните Цркви во Амазонија – рече папата Фрањо и продолжи: Помогнете им на своите епископи, мисионерите да бидат едно со вас, и на тој начин по пат на инклузивен дијалог да ја обликувате Црквата со амазонско лице, Црква со домородно лице. Во тој дух ја свикав Синодата за Амазонија која ќе се одржи во 2019 година – рече на крајот Светиот Отец напоменувајќи на присутните да веруваат во издржливоста на нивните народи како и во нивната способност да одговорат на тешките времиња во кои живееме.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот