Папата се сретна со богопосветените вдовици

Папата се сретна со богопосветените вдовици

На 6 септември 2018 година, папата Фрањо се сретна со учесниците на меѓународната конференција за богопосветените вдовици, и во таа прилика изрази благодарност до сите кои во светот ја сведочат Божјата љубов.

Настојувајте преку искуството на сопствената кревкост да бидете блиску до малите и сиромашните, за да им ја покажувате Божјата нежност и Неговата близина во љубовта – е поттикот на папата Фрањо кој го упати во говорот до учесниците на меѓународната конференција за богопосветените вдовици, со кои се сретна во Ватикан, на 6 септември 2018 година. Светиот Отец напомена дека вдовството е посебно тешко искуство и изрази признание на оние кои после загубата на сопругот одлучиле да го препознаат посебниот Господов повик и да го наследуваат Христос во чистотата, послушноста и сиромаштвото.

Со своето посветување потврдувате дека е можно со Божјата благодат и поддршка и придружбата од свештеник и другите членови на Црквата да се живеат евангелските совети извршувајќи ги сопствените семејни, работни и општествени одговорности – истакна Светиот Отец.

Надежта на Евангелието е во искушенијата

Секој христијанин опкружен со Господовата милосрдна љубов, е повикан да помине по патот на животот и светоста кој ни помага да ги совладаме искушенијата и повторно да се родиме во надежта и во радоста на Евангелието – рече Папата и додаде: Токму од близината со Господ, слушајќи го Неговото Слово е можно да се црпи храброст и истрајност во дарувањето на себе.

Квасец на љубовта

Напоменувајќи потоа дека Бог може да делува во сите прилики, па и среде привидните неуспеси, папата Фрањо истакна дека богопосветените вдовици се повикани да ја сведочат Божјата љубов и да бидат квасец во тестото на овој свет, светлина за оние кои одат во темнина и во сенка смртна. Со квалитетот на вашиот братски живот и во крилото на своите заедници настојувајте преку својата сопствена кревкост да биде блиску до малите и сиромашните, за да им ја покажувате Божјата нежност и Неговата близина во љубовта – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот