Папата се помоли за украинските деца и млади

Папата се помоли за украинските деца и млади

На крајот од средбата со две илјади ученици на миланското училиште „Ла Зола“ во базиликата Свети Петар, папата Фрањо се помоли за децата и младите од Украина кои „живеат под бомбите“.

„Господи Исусе, погледни ги овие деца, благослови ги и заштити ги, тие се жртви на гордоста на нас возрасните. Папата Фрањо во молитва ги носи во срцето децата и младите луѓе кои, како што рече, „живеат под бомби, кои се сведоци на оваа страшна војна“. Тој упати молитва за нив на средбата со учениците од миланското училиште „Ла Зола“.

Имате иднина пред вас, а тие бегаат од бомби

Пред молитвата, Светиот Отец ги замоли учениците да ги насочат своите мисли кон многубројните млади луѓе кои живеат во војна и страдање. Ви претстои иднина, сигурност да растете во мирно општество, им порача и додаде: „Напротив, овие деца треба да бегаат од бомбите, а таму е уште многу ладно“. Денес страдаат, на три илјади километри одовде.

„А сега ве замолувам да размислите. Сите да погледнеме во нашите срца и да помислиме на бројните момчиња, девојчиња, момци и девојки кои живеат во војната, кои денес страдаат во Украина, тие се како нас, исто како вас. Шест, седум, десет, четиринаесет години и пред вас е иднината, социјална сигурност да растете во мирно општество. Ајде да размислиме. Секој од нас нека помисли на тие деца, кои денес страдаат на 3.000 километри од овде. Да се помолиме на Господа. Јас ќе се молам, а вие молете се со мене со срце и ум“, им порача Папата на младите од Милано.

„Господи Исусе, се молам за момчињата и девојчињата, момците и девојките, кои живеат под бомбите, кои се сведоци на оваа страшна војна, кои немаат што да јадат, кои мора да бегаат, оставајќи сè дома… Господи Исусе, погледни на овие деца и заштити ги, тие се жртви на гордоста на нас возрасните. Заедно се молиме на Богородица да ги заштити. И така во тишина, стоејќи, да го примиме благословот од Господ“.

Важно е родителите да бидат и протагонисти во културниот раст на детето

Пред молитвата Светиот Отец истакна дека учениците биле придружувани од нивните родители, наставници, баби и дедовци. „Тука има многу баби и дедовци“, рече тој и додаде: „Многу е важно вие, младите и децата, да разговарате со вашите баби и дедовци“.

Училиштето Ла Зола, вдахновено од христијанството, е скапоцена реалност за областа Милано и нуди вредна образовна служба во соработка со семејствата. Важно е да се изгради образовна заедница во која заедно со учителите, родителите ќе можат да бидат протагонисти на културниот раст на своите деца“, рече Папата.

Toa e тој „образовен пакт“, дијалог меѓу родителите и наставниците. „Секогаш постои дијалог, за доброто на младите, децата. Тој образовен пакт, кој многу пати е прекршен, мора секогаш да се одржува. Дијалог и соработка, родители и воспитувачи. Важно е да се изгради образовна заедница, тоа е многу важно“, рече Светиот Отец.

Споделување и прифаќање

Папата им остави два збора „од срце“ на присутните момчиња и девојчиња од Милано, кои побара гласно да ги повторат: споделување и прифаќање.

Да се сподели, како што објасни Папата, значи да не се заморувате од „заедничкото созревање со луѓето кои живеат со вас: соучениците, родителите, бабите и дедовците, воспитувачите, пријателите“.

„Потребно е да се „работи како тим“: да растеме не само во знаењето, туку и во ткаењето врски за да се изгради уште пообединето и побратско општество. Затоа што мирот, рече Папата, кој ни е толку потребен, се гради „рачно“, со споделување. „Не постојат машини за градење мир, не: мирот секогаш се создава рачно. Мир во семејството, мир во училиштето… А како се прави тоа рачно? Со нашата работа, со нашето споделување“.

Зборувајќи за другиот збор – прифаќање, Папата рече дека денешниот свет поставува многу бариери меѓу луѓето. Последица на бариерите е исклучување, отфрлање. „Опасно е ако се отфрла, дури и на училиште – добро слушајте момчиња и девојчиња – на училиште понекогаш има соученик кој е малку чуден, малку смешен или не ни се допаѓа: никогаш не го исклучувајте! И без злоставување: не, ве молам, без злоставување, не правете го тоа. Можеби е малку непријатен, кутриот, но да му приоѓаме со сочувство. Секогаш градете мостови, никогаш не исклучувајте никого, ве молам! Не отфрлајте. Затоа што кога се отфрла, започнуваат војни, секогаш со отфрлање“.

Има бариери меѓу државите, меѓу општествените групи, но и меѓу луѓето, продолжи Папата.

„Често, дури и телефонот во кој постојано гледате станува бариера што ве изолира во светот кои го имате на дофат на раце. Колку е убаво, наместо тоа, да се гледаат луѓето во очи, да се слуша нивната историја и да се прифати нивниот идентитет; да создаваме, по пат на пријателство, мостови со браќа и сестри од различни традиции, етнички групи и религии. Само така со Божја помош ќе изградиме иднина во мир“, им порача папата Фрањо на младите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот