Папата се обрати до граѓанските власти во Мјанмар

Папата се обрати до граѓанските власти во Мјанмар

Светиот Отец обраќајќи се на претставниците на највисоките граѓански власти, дипломатскиот кор и епископите во конгресниот центар во Јангон ја изрази својата длабока благодарност за поканата да го посети Мјанмар и посебно се заблагодари на државната советничка за срдечните зборови.Благодарен сум на сите оние – рече папата Фрањо – кои неуморно работеа за да се овозможи оваа посета. Дојдов пред сè да се молам со малата, но ревносна католичка заедница за да се зацврсти во верата и да ја охрабрам во напорите кои ги прави за доброто на земјата. Многу сум среќен што мојата посета се остварува после воспоставувањето на официјалните дипломатски односи помеѓу Мјанмар и Светиот Престол. Ја гледам таа одлука како знак на определување на целиот народ за продолжување на дијалогот и конструктивната соработка внатре во меѓународната заедница, како и обнова на ткивото на граѓанското општество.

Би сакал исто така со својата посета да ја прегрнам целата популација на Мјанмар и да ги охрабрам сите оние кои работат на градењето на поправеден, помирлив и инклузивен општествен поредок – рече Папата и нагласи: Мјанмар е благословена со дарот на изворедната убавина и бројните природни богатства, но неговото најголемо богатство сигурно се луѓе кои многу претрпеле и сè уште страдаат заради внатрешни конфликти и непријателства кои траат премногу долго и кои создале длабоки поделби. Бидејќи нацијата сега се зазема за обнова на мирот, оздравувањето на тие рани е клучен политички и духовен приоритет – истакна Светиот Отец и додаде: Можам само да изразам почитување кон напорите на владата во соочувањето со тие предизвици, посебно преку Конференцијата за мир во Панглао која собира претставници од различни групи настојувајќи да се стави крај на насилството, да се изгради доверба и да се обезбеди почитување на правата на сите оние кои оваа земја ја сметаат за свој дом.

Навистина, тешкиот процес за градење на мир и национално помирување може да напредува само преку ангажирање за правда и почитувањет на човековите права – нагласи папата Фрањо и продолжи: Мудрите луѓе ја дефинирале праведноста како волја на секој да му се признае она што му припаѓа, додака древните пророци ја сметале за темел на вистинскиот и траен мир. Овие спознанија, кои се потврдени со трагичните искуства од двете Светски војни, доведоа до создавањето на Организацијата на обединетите нации и Универзалната декларација за човекови права како основа за напорите на меѓународната заедница да промовира во целиот свет, правда, мир и човеков развој и решавање на конфликтот преку дијалог, а не преку употреба на сила. Во таа смисла – додаде Папата – присуството на дипломатскиот кор меѓу нас, сведочи не само за местото кое Мјанмар го зазема меѓу народите, туку и за неговата определеност да ги одржува и применува овие основни начела. Иднината на Мјанмар мора да биде мирот заснован врз почитување на достоинството и правата на секој член на општеството, почитување на секоја етничка група и нејзиниот идентитет, почитување на владењето на правото и демократскиот поредок кој му овозможува на секој поединец и на секоја група – не исклучувајќи никој – да го понуди својот законски оправдан придонес за заедничкото добро.

Во важната работа околу помирувањето и националната интеграција, верските заедници во Мјнмар имаат привилегирана улога која треба да ја извршуваат – истакна Светиот Отец и предупреди: Религиските разлики не смеат да бидат извор за поделби и недоверба, туку пред сè сила за единство, прошка, толеранција и мудро градење на земјата. Религиите можат да одиграт важна улога во лекувањето на емоционалните, духовните и психолошките рани на оние кои претрпеле во текот на повеќегодишниот конфликт. Со почитувањето на вредностите кои длабоко се вкоренети, тие можат да помогнат да се искоренат причините за конфликтот, да се градат мостови на дијалог, повторно да се бара правдата и можат да бидат пророчкиот глас на оние кои страдаат. Тоа е голем знак на надежта – потврди папата Фрањо и рече дека водачите на разните религиски традиции во оваа земја се залагаат да работат заедно во духот на хармонијата и меѓусебното почитување, за мир, да се помогне на сиромашните и да се воспитува за вистинските верски и човечки вредности. Обидувајќи се да ја градат културата на средба и солидарност тие придонесуваат за општото добро и поставуваат ненадоместливи морални темели за иднината на надеж и напредок на идните генерации.

Таа иднина и денес е во рацете на младите луѓе – рече Светиот Отец и истакна: Младите луѓе се дарот кој треба да се почитува и охрабрува, тие се инвестиција која ќе произведе богат приход само ако имаат реални можности за работа и добра наобразба. Тоа е итното барање за правда меѓу генерациите. Иднината на Мјанмар во светот на брзи промени и меѓусебното поврзуање, ќе зависи од образованието на неговите млади луѓе, не само на техничките подрачја, туку посебно во етичките вредности на почитувањето, интегритетот и човечката солидарност, кои можат да ја зацврстат демократијата и да го обезбедат развојот на единството и мирот на сите нивоа на општеството. Меѓугенерациската правда исто така бара – рече папата Фрањо – идните генерации да можат да го наследат природното опкружување кое не е загадено од човечката алчност и одвратност. Важно е на нашите млади да не им биде украдена надежта и можноста за користење на нивното воодушевување и нивните таленти во обликувањето на иднината на земјата, уште повеќе на целото човечко семејство.

Овие денови сакам да ги охрабрам своите браќа и сестри католици да бидат истрајни во верата и да продолжат да ја изразуваат својата порака на помирување и братство преку каритативни и хуманитарни дела, од кои целото општество има корист – рече на крајот Папата и изрази надеж дека во меѓусебната соработка полна со почитување со следбениците на другите религии и со сите мажи и жени со добра волја можат да придонесат за отворање на нов век на хармонија и напредок за народите на таа љубена земја.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот