Папата се моли за жртвите од земјотресот и авионската несреќа во Индонезија

Папата се моли за жртвите од земјотресот и авионската несреќа во Индонезија

На крајот од своето пладневно обраќање на 17 јануари 2021 година, Папата го спомена населението погодено од земјотресот во Индонезија, како и сите оние кои ги загубија животите во авионската несреќа, која се случи во таа земја минатата сабота.

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо ја повтори својата близина со населението на островот Сулавеси во Индонезија, кој во петокот го погоди земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала и во кој – според последните проценки – загинаа најмалку 56 лица. Вчера, Светиот Отец изрази сочувство, во телеграмата потпишана од државниот секретар кардинал Пиетро Паролин.

Се молам за починатите, за ранетите и оние кои останаа без покрив над главата и без работа – рече Папата во библиотеката на Апостолската палата. Господ нека ги утеши и ги поддржи напорите на оние кои се вклучени во помагањето. Да се молиме заедно за нашите браќа во Сулавеси, како и за жртвите од авионската несреќа, која се случи во таа земја минатата сабота – поттикна Папата.

Во меѓувреме, на Сулавеси, спасувачите трагаат по преживеани под урнатините, додека продолжува серијата помали земјотреси. Повеќе од 820 лица се повредени, од кои 200 тешко, а околу 15.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови и да се сместат во 15 центри организирани од властите. Веќе повеќе десетици луѓе се извлечени од урнатите згради во Мамуја, град со 110.000 жители, каде што болницата и трговскиот центар се срамнети со земја. Ситуацијата во голема мера ја влошува дождот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот