Папата се моли за жртвите од експлозијата во Хаити

Папата се моли за жртвите од експлозијата во Хаити

Папата Фрањо се моли за жртвите од експлозијата на цистерна со гориво што се случи во понеделникот, 13 декември 2021 година, во северниот дел на Хаити, каде што загинаа најмалку 69 лица.

За време на Генералната аудиенција, во среда 15 декември 2021 година, папата Фрањо се помоли за жртвите и нивните семејства. Кутриот Хаити, една работа по друга; тоа е народ кој страда, рече Папата во обраќањето до верниците на италијански јазик, споменувајќи ги бројните жртви, меѓу кои и голем број деца, кои ги загубија животите во несреќата во Кап-Хаитиен на северот на Хаити.

Да се молиме за Хаити, за тој добар народ, побожен народ, но толку многу страда. Близок сум со жителите на тој град и со семејствата на жртвите, како и со повредените, рече Папата, повторувајќи го повикот за молитва за браќата и сестрите кои се во тешки искушенија.

Властите на Хаити соопштија дека експлозијата се случила откако цистерна со гориво се превртела ноќта на 13 декември, во вториот по големина град во оваа карипска земја, Кап-Хаитиен.

Се очекува бројот на загинати да се зголеми, бидејќи спасувачките акции сѐ уште се во тек. Многу од ранетите се префрлени во веќе преполните болници. Експлозијата, исто така, предизвика голема штета во градот, уништувајќи десетици куќи во близина. Владата прогласи тридневна жалост во спомен на жртвите.

Несреќата се случи во време кога Хаити се соочува со сериозен недостиг на гориво во услови на голема економска и политичка криза по атентатот на претседателот Јовенел Мојсе во јули. Земјата се уште се бори со опоравување од земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што ја погоди во средината на август, при што настрадаа илјадници луѓе.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот