Папата се молеше за учениците, студентите, наставниците и професорите кои мора да најдат нов начин за поучување

Папата се молеше за учениците, студентите, наставниците и професорите кои мора да најдат нов начин за поучување

Папа Фрањо на утринската Литургија на 13 мај 2020 година во Домот на Света Марта го молеше Господ да им даде на учениците, студентите, наставниците и професорите храброст да одат понатаму во ова време на пандемија. Папата во проповедта истакна дека христијанскиот живот е мистика за „взаемно да се остане“; ние во Исус и Тој во нас.

Да се молиме денес за учениците и студентите кои учат, како и за наставниците и професорите кои мора да пронајдат нови начини за поучување. Нека Господ им помогне на тој пат, нека им даде храброст и добар успех – рече папата Фрањо на утринската Литургијата на 13 мај 2020 година во Домот на Света Марта.

Во проповедта Папата го коментираше Евангелието од денешната Литургија во која Исус им вели на своите ученици: „Јас сум вистинска лоза. Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, која не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо“.

Господ се враќа на „бидете во Мене“ и кажува дека христијанскиот живот значи да се остане во него – рече Светиот Отец и забележа: Исус ја користи сликата на лозата, во него треба да се остане како што прачката останува на лозата. Тоа „бидете“ не е пасивно останување и не значи заспивање во Господ, што би можело да биде блажен сон. Напротив, тоа „бидете“ е активен и взаемен, затоа што Исус кажува: „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас”. И Тој останува во нас, не само ние во Него. Тоа „бидете“ е взаемно.

Тоа взаемно „бидете“ е прекрасно таинство на животот – рече папата Фрањо и напомена: Вистина е, прачката без лозата ништо не може, затоа што не добива лимфа, потребна и е течност за да расте и дава плод. Но и на лозата и треба прачката, затоа што плодовите не растат на лозата, туку на прачката. Се работи за взаемна потреба; тоа значи взаемно „бидете“ за да дадат плод. Тоа е христијански живот. Вистина, христијанскиот живот е извршување на заповеди, тоа мора да се прави. Христијанскиот живот значи и да се оди по патот на блаженствата; и тоа треба да се прави. Христијански живот значи да се прават дела на милосрдие, како што Господ нè учи во Евангелието; и тоа треба да се прави. Но и уште повеќе од тоа, а тоа значи „взаемно бидете“.

Без Исус ништо не можеме да направиме, како ниту прачката без лозата. И Тој без нас, се чини дека ништо не може да направи, затоа што плодот го дава прачката, а не лозата – рече Папата и истакна: Плодноста е во тоа „взаемно бидете“. Зошто на лозата и треба прачката? Поради плодовите. Зошто ние му требаме на Исус? Поради сведоштво. На Исус му е потребно нашето сведоштво за да расте Црквата. Тоа е взаемно таинство на тоа „бидете“. Тој е Отец, и Светиот Дух останува во нас и ние остануваме во Исус. Ќе ни помогне ако размислуваме за тоа како да останеме во Исус и Тој да остане во нас.

Потребно е да се остане во Исус за да се има сила, оправдување, бесплатност и плодност – рече Светиот Отец и продолжи: И Тој останува во нас за да ја даде силата на плодот, силата на сведоштво по кое Црквата расте. Односот меѓу Исус и нас е присен однос, мистичен и без зборови. Некој ќе рече нека тоа го прават мистичарите. Но тоа е за сите нас. Тоа можеме да го правиме со едноставни мисли. Господе, знам дека ти си; дај ми сила и ќе го сторам тоа што ќе ми кажеш. Потребен е тој присен дијалог со Господ. Господ е присутен, во нас е присутен, Отецот е присутен во нас, Духот е присутен во нас, остануваат во нас. Но ние мораме да останеме во нив.

Нека Господ ни помогне да ја сфатиме и почувствуваме мистиката на „бидете“ која Исус многу ја истакнува. Често, кога говориме за лозата и прачката, застануваме на ликот, на вештината на лозарот, на Отецот кој на оној што носи плод го чисти и обрежува, а оној кој не носи плод го сече. Вистина е, Тој тоа го прави, но тоа не е сè. Постои и друго. Во тоа помагаат искушенијата, животните тешкотии и опомените кои Господ ни ги дава. Но да не запреме тука. Меѓу лозата и прачката постои тој интимен „бидете“. Прачката, односно ние, ни треба лимфа, а на лозата и требаат плодови, односно  сведоштво – заклучи папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот