Папата се молеше за уметниците и за милост на креативност

 Папата се молеше за уметниците и за милост на креативност

На Литургија во домот на Света Марта на 27 април 2020 година папата Фрањо посебни мисли им посвети на уметниците и на патот на убавината и креативноста кои можат да помогнат во овие тешки моменти на пандемијата. Во проповедта ги поттикна верниците да молат за милост за да можат секогаш да се вратат на првиот повик, во моментот кога Исус ме погледна со љубов и ми рече: „Следи ме“.

Да се молиме денес за уметниците кои имаат способност на многу голема креативност, како и за патот на убавината; тие ни го покажуваат патот по кој треба да одиме. Господ нека на сите ни даде милост на креативност во овој момент – рече Папата на почетокот на Литургијата. Во проповедта се осврна на Евангелието од денешната литургија, во која Исус го прекорува народот дека, после умножувањето на лебот и рибата, го бара само затоа што се заситиле, и ги поттикнува да не работат за храна расиплива, туку за онаа која останува за вечен живот и која ќе им ја даде Синот Човечки.

Мноштвото цел ден останало да го слуша Исус, не досадувајќи се, не заморувајќи се; беа таму среќни – напомена Папата. Кога го видоа како ги нахрани помислиле дека тој би бил добар управител кој сигурно би бил способен да ги ослободи од власта на Римјаните, и сакаа да го направат цар. Но, во тој миг заборавија на занесоткој се раѓаше во нивното срце од Словото Божјо.

Исус затоа ги потсетува на првото чувство, она што го имаа пред умножувањето на лебот, кога го слушаа Словото Божјо. „Вистина, вистина ви велам: вие не ме барате затоа што видовте чудеса“ – како на почеток, знаци на зборови кои ги воодушевувале, знаци на оздравување – „не ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте“. А тие, не се оправдуваа, туку беа понизни – напомена Папата – и запрашаа што треба да направат за да ги извршат Божјите дела. Исус им одговори и рече: „Делото Божјо е ова: Да поверувате во Оној Кого Го испрати Он.“

Тоа е случај во кој Исус го исправа однесувањето на луѓето, мноштвото, затоа што на пола пат се одалечиле од првиот момент, од првата духовна утеха, и тргнале по пат кој не беше исправен, беше повеќе световен отколку евангелски – истакна Папата. Тоа ни се случува и на нас кога ќе тргнеме по патот да го следиме Исус, но на пола пат го губиме сеќавањето на првиот занес кој го почуствувавме кога го слушнавме Исус како ни зборува.

Господ секогаш не враќа на првата средба, на првиот момент кога нè погледна, ни зборуваше и ја разбуди во нас волјата да го следиме. Тоа е милост за која треба да молиме, затоа што во животот секогаш ќе имаме искушение да се одалечиме. Милост секогаш да се вратиме на првиот повик, на првиот момент, кога Исус ме погледна со љубов и рече: „Тоа е твојот пат“ – напомена Папата и додаде дека секогаш силно го допираат зборовите кои Исус ги кажа после воскресението: „Не бојте се ; одете соопштете им на браќата Мои, да одат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“ Галилеја беше место на првата средба.

Секој од нас има сопствена „Галилеја“ во себе, сопствен момент кога ни се доближи Исус и ни рече: „Следи ме“. Но, се случува да се одалечиме и бараме други вредности, и ја губиме свежината на првиот повик – рече папата Фрањо и поттикна да го молиме Господ да ни даде милост како секогаш би се враќале на првиот момент кога го сретнавме Исус.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот