Папата се молеше за жртвите од нападот пред катедралата во Макасар во Индонезија

Папата се молеше за жртвите од нападот пред катедралата во Макасар во Индонезија

Папата Фрањо во пладневниот наговор во базиликата Свети Петар во недела 28 март 2021 година се молеше за жртвите од нападот пред катедралата во Макасар во Индонезија. Осврнувајќи се на втората година на пандемијата, Папата поттикна да го следиме примерот на Христовата Мајка која на себе го земала својот дел од страдањето, држејќи во своето срце запалена светилка на верата.

Да се молиме за сите жртви од насилството, посебно за оние кои се погодени во нападот утрово кој се случи во Индонезија, пред катедралата во Макасар – поттикна папата Фрањо во пладневниот наговор во базиликата Свети Петар. Влеговме во Страсната седмица, рече Папата и истакна, по втор пат ја поминуваме во контекст на пандемијата. Минатата година повеќе бевме потресени, а оваа година повеќе сме искушувани, додека економската криза стана тешка.

Што Бог прави во таа историска и општествена ситуација? – праша Светиот Отец и одговори: Го зема крстот. Исус го зема крстот односно на себе го става товарот на злото кое тоа со себе го носи; физичко, психолошко и пред сѐ духовно зло, затоа што злото ги искористува кризите за да посее недоверба, очај и раздор. А ние? Што треба ние да правиме? Тоа ни го покажува Дева Марија, Исусовата Мајка која воедно е и прва негова ученичка. Го следела својот Син. Го земала на себе својот дел од страдањето, темнината, збунетоста и одела по патот на маката држејќи во своето срце запалена светилката на верата.

Со Божја милост и ние можеме да одиме по тој пат. И одејќи по секојдневниот крстен пат, ќе сретнеме лица на голем број браќа и сестри во потешкотии; да не ги заобиколуваме, да дозволиме нашето срце да се сочувствува и да се приближиме. Во тој момент како Симон Киринеецот, можеме да помислиме: „Зошто токму јас?“ Но тогаш ќе го откриеме дарот кој без наша заслуга нѐ допре. Нека ни помогне Пресвета Богородица која на патот на верата секогаш оди пред нас – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот