Папата се врати од апостолското патување во Чиле и Перу

Папата се врати од апостолското патување во Чиле и Перу

Оставивте трага во моето срце – рече папата Фрањо на перуанскиот народ по светата Литургија служена во воздухопловната база „Лас Палмас“ во Лима, која беше последниот настан во рамките на неговата апостолска посета на Перу, пред враќањето во Рим.

Заблагодарувајќи се на сите кои го овозможија ова патување, на црковните и државните претставници, Папата посебно се заблагодари на илјадниците волонтери кои – како што рече – со својата тивка и пожртвувана работа, како мравки, придонесоа сето тоа да се оствари.

Освен тоа, се заблагодари на организациската комисија и на сите кои со својата посветеност ја направија возможна оваа средба. На посебен начин се заблагодари на групите архитекти кои ги проектираа трите олтари во трите града кои што ги посети. Нека Бог ви помогне да го задржите добриот вкус! – им посака Папата.

Потоа Папата потсети дека своето ходочастие меѓу нив го започнал зборувајќи дека Перу е земја на надежта и заради билошката разноликост која ја поседува заедно со убавината на местата – кои – како што рече – можат да ни помогнат да го откриеме Божјото присуство. Освен тоа, Перу е земја на надежта заради богатството на својата традиција и на своите обичаи кои ја карактеризираат душата на тој народ.

Перу е земја на надежта за младите, кои не се иднината, туку се нејзината сегашност – рече Папата и од младите побара во мудроста на старите луѓе, на своите баби и дедовци да го откријат ДНК кое ги водело големите перуански светци. Момчиња и девојки, не се искоренувајте. Баби и дедовци и сите стари луѓе не престанувајте да ги пренесувате на младите генерации корените на вашиот народ и мудроста на патот кој води во небото – поттикна Папата, повикувајќи ги сите Перуанци да не се плашат да бидат светци во XXI век, повторно ги охрабри да ја чуваат надежта, да не дозволат да им ја одземат. Најдобриот начин за сочувување на надежта е да останете соединети – истакна на крајот Папата.

Придружуван од наклонетоста на десетиците илјади Перуанци, папата Фрањо по светата Литургија замина на аердромот во Лима каде се одржа проштална свеченост, и во 1.10 часот според европско време, со авионот тргна кон Рим. Во римскиот аеродром Чампино пристигна во раните попладневни часови. По пристигнувањето во Рим, Папата отиде во базиликата Света Марија Велика пред Богородичната икона (Salus populi romani) да се заблагодари токму за завршеното апостолско патување во Чиле и Перу.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот