Папата: Сеќавање, молитва, послание …

Папата: Сеќавање, молитва, послание …

Местото на христијаниот е во светот за да го навестува Исус, но неговиот поглед е насочен кон небото за да биде соединет со Него– рече папата Фрањо за време на својата проповед, на светата Литургија на 26 мај 2017 година во домот Света Марта.

Читањата нѐ упатуваат на три збора, три референтни места на христијанскиот пат. Првиот збор е сеќавање. Воскреснатиот Исус на учениците им вели да одат пред Него во Галилеја – таму се случила првата средба со Господ. Секој од нас има своја сопствена „Галилеја,“ таму каде што Исус за прв пат ни се покажал; каде што сме го препознале; и каде сме имале радост за да го следиме. За да бидеме добри христијани неопходно е секогаш да се сеќаваме на првата средба со Исус или пак на оние последователните средби. Тоа е милоста на сеќавањето која во часот на искушението ни дава сигурност – објасни Светиот Отец.

Втората точка е молитвата. Кога Исус се вознесол на небото не се оддели од нас: телесно да, но секогаш останува поврзан со нас за да посредува за нас. Тој на Отецот му ги покажува своите рани – цената која ја платил за нас, заради нашето спасение. Па, треба да молиме за милоста да го гледаме небото, милоста на молитвата, односот во молитвата со Исус кој овој час нѐ слуша, со нас е. Потоа овде е третата точка – светот. Исус пред да замине им кажал на учениците: Одете по целиот свет, и направете ги мои ученици сите народи. Одете: местото на христијанинот е во светот за да го навести Исусовото Слово, за да кажете дека сме спасени, дека Он дошол за да ни даде милост, и сите со себе да нѐ доведе пред Отецот – рече папата Фрањо.

Toa e топографијата на христијанскиот дух – три референтни места на нашиот живот: сеќавањето, молитвата, посланието и три зборови за нашиот пат: Галилеја, небо, свет. Христијанинот треба да се движи внатре во овие три димензии и да моли за милоста на сеќавањето: никогаш да не го заборавам моментот кога си ме избрал, никогаш да не ги заборавам моментите на нашите средби – така да Му се каже на Господ – поттикна папата Фрањо. Потоа моли, гледајќи во небото каде Тој за нас посредува. А потоа следува посланието: тоа не значи дека сите треба да заминат во странство; да се оди во мисија и да се живее и сведочи Евангелието, значи да се соопшти на народот каков е Исус. Тоа, но со сведоштвото и со Божјото Слово; затоа што ако зборувам каков е Исус; што е христијанскиот живот, а живеам како поганин, тоа не служи за ништо – рече Папата.

Ако од друга страна, живееме во сеќавањето, молитвата и посланието, христијанскиот живот ќе биде убав и радосен: и таа е последната реченица која Исус во Евангелието ни ја кажува. Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе; и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Никој, затоа што го имам сеќавањето на средбата со Исус, имам сигурност дека Исус е во небото и во овој час за мене посредува; со мене е; и се молам за храброст да можам да кажам; да излезам од себе и да им кажам на другите и да посведочам со својот живот, дека Господ воскресна; дека е жив. Сеќавање, молитва, послание. Нека Господ ни даде милост да ја разбереме ова топографија на христијанскиот живот и да одиме напред со радост – со онаа радост која никој не може да ни ја одземе – рече на крајот од својата проповед Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот