Папата: Семејството е на удар, разни идеологии сакаат да ги обезвреднат човечките вредности

Папата: Семејството е на удар, разни идеологии сакаат да ги обезвреднат човечките вредности

Папата Фрањо ги прими во аудиенција отците од Шенштатското движење по повод нивното Генерално собрание и ги охрабри да бараат одговори на грижите на мажите и жените од нашето време.

Во денешните „мрачни ситуации“, додека семејството е на удар, а „идеолошката колонизација“ се обидува да ги обезвредни човечките вредности, неопходно е да се стане носител на надежта. Папата Фрањо го истакна ова на неговата средба со отците од Шенштат, католичкото маријанско движење основано во Германија во 1914 година.

Поздрав до новиот поглавар

Пред говорот, Папата го поздрави новиот генерален поглавар, отец Александар Ави Мело, избран на 21 август минатата година. Инаку, бразилскиот монах пет години беше секретар на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, а Папата му се заблагодари за тоа.

Носители на надежта

Папата Фрањо и се заблагодари на целата заедница: „Вие, драги браќа и сестри, вршите прекрасна служба за Црквата и светот, особено придружувајќи ги семејствата во различни ситуации и перипетии низ кои поминуваат, навестувајќи им ја на сите нејзини членови убавината на ‘заветот на љубовта’ што Господ ја воспостави со својот народ. Денес има многу бракови во криза, искушувани млади луѓе, заборавени стари луѓе, напатени деца. Вие сте носители на пораката за надеж во тие мрачни ситуации низ кои поминува секоја фаза од животот“.

Ова, додаде Папата надвор од неговот подготвен говор, донекаде оди рака под рака со обезвреднувањето на човечките вредности, обезвреднување што се извршува дивјачки преку идеолошка колонизација од секаков вид.

Оддалеченоста и идеологиите

Светот сè повеќе бара од нас да дадеме одговори на прашањата и грижите на мажите и жените од нашето време. Една од најсериозните грижи се однесува на семејството и неговата природа:

„Често гледаме дека природата на семејството е нападната од различни идеологии, кои ги поткопуваат основите кои ја поддржуваат личноста на човекот и на целото општество воопшто. Понатаму, внатре во семејствата за многу ситуации постои јаз во разбирањето меѓу постарите и младите“.

Сојуз меѓу генерациите

Папата потсети на својот циклус катехези од Генералните аудиенции, повторувајќи ја важноста на сојузот меѓу генерациите, односно помеѓу постарите и помладите, „што може да го спаси човештвото, бидејќи на тој начин се зачувува личниот и семејниот идентитет.“ Во семејството, не се наследува само „генетското наследство или презимето, туку пред сѐ се наследува мудроста за тоа што значи да се биде човек, според Божјиот план“.

„Затоа, таинството на нашето откупување е исто така тесно поврзана со искуството на љубовта во семејствата. И да не заборавиме дека на крајот верата секогаш се пренесува на „дијалект“ преку семејствата, постарите луѓе, бабите и дедовците“.

Примерот на Богородица

Пример е Светото семејство, а пред сѐ Богородица, „која со нежна и посветена љубов се грижи за сите свои синови и ќерки, особено за најсиромашните, по дух и тело“. Членовите на заедницата Шенштат со голема љубов ја почитуваат Богородица“.

„Таа е основен пример за сите, кој поттикнува создавање мостови засновани на братска љубов и споделување добра со оние на кои се во најгоелма потреба“, истакна папата Фрањо.

Отворање нови патишта

Затоа, тој го заврши говорот со охрабрување на членовите од Шенштат да одат напред во својот апостолат, секогаш обновувајќи се со благодатта на Светиот Дух и покажувајќи храброст да отворат нови патишта во служба на семејството, со цел да се потврди убавината на Заветот меѓу Бога и луѓето, со духовност и доживеано искуство на христијанските вредности“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот