Папата сака да го посети Либан

Папата сака да го посети Либан

Папата Фрањо во четврток 22 април 2021 година го прими мандаторот на либанската влада Сабад Харири и ги повика либанските политичари за решавање на кризата во земјата.

Директорот на канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, во изјава за новинарите истакна дека приватната аудиенција траеше триесетина минути, а Папата уште еднаш ја изрази својата близина со либанскиот народ, кој се соочува со големи тешкотии и несигурност.

Светиот Отец потсети на одговорноста на сите политички сили итно да работат за доброто на народот. Тој изрази надеж дека Либан, со помош на меѓународната заедница, ќе ги надмине кризите за „повторно да ја покаже силата на кедрите и разноликоста, која од слабоста со големото помирување на народот ќе се издигне во сила“, затоа што Либан е повикан да биде „земја на средба, соживот и плурализам“.

Бруни исто така рече дека Папата изразил желба да го посети Либан штом ќе дозволат условите. Ова го истакна и Харири по средбата со Папата во разговор со новинарите.

Земјата веќе со месеци се наоѓа во тешка политичка, економска, социјална и хуманитарна криза. Либанската влада поднесе оставка во август 2020 година, по катастрофалната експлозија во пристаништето Бејрут, а мандатарот Харири, поради несогласувања со претседателот Мишел Аун околу именувањето министри, не успева да формира нова.

Маронитскиот патријарх кардинал Бехара Раи остро го осуди однесувањето на либанските политичари, а го поддржа и Советот на католичките патријарси и епископи во земјата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот