Папата: Религиите да бидат мугрите на мирот

На 2 окотомври 2016 година попладне папата Фрањо ја заврши својата тридневна посета на Грузија и Азербејџан со меѓурелигиската средба во Баку, на која освен шеик ул-ислам Алакшур Пашазад големиот муфтија на Кавказ, учествуваа и претставници на православната и еврејската заедница.

Папата на присутните им порача дека „не е време за насилни или избрзани решенија, туку потребно е итно заземање околу трпеливиот процес на помирување. Вистинското прашање на нашето време – продолжи – не гласи: „Како да ги промовирам сопствените интереси,“ туку… „како на идните генерации да им оставам во наследство подобар свет од оној кој ние сме го наследиле?“

Потоа го повтори својот повик: „НЕ, насилство во Божјо име!“ и додаде дека соработката, а не спротивставувањето помагаат да се изгради подобро и помирно општество. Папата истакна дека братството и заедништвото кое тие настојуваат да го зголемат нема да ги ценат луѓето кои нагласуваат поделби, кои повторно будат тензии и сакаат да профитираат од спротивставувањата и разликата. Оние кои го сакаат општото добро тежнеат кон братството и заедништвото и пред сè се угодни на Бог Кој сака неговите синови и ќерки на едно човечко семејство да бидат меѓу себе сѐ повеќе обединети и секогаш во меѓусебен дијалог“, рече папата Фрањо.

Светиот Отец ја истакна и важната улога на религијата која му помага на човекот да разбере дека центарот на човечката личност се наоѓа надвор од неа, дека е насочена кон Севишниот и кон ближниот. Освен тоа религиите му покажуваат на човекот дека неговите сопствени способности и добра во овој свет не смеат да попримат апсолутна вредност. „Религијата е компас кој нè насочува кон доброто и нè одведува од злото,“ рече Папата.

Исто така пред присутните нагалси дека како духовни водачи „имаме голема одговорност да понудиме автентични одговри на луѓето кои ги бараат, а кои често се загубени во вртлогот на спротивностите на нашето време.“ Религиите спротивно од тоа помагаат да се расуди што е добро и тоа да се спроведе во дело, а повикани се тоа да го прават со градење на „култура на средба и мир, заснована на трпението, разбирањето и со понизни, чувствителни чекори,“ рече папата Фрањо и продолжи:

Општеството мора трајно да ги надмине искушенијата верата да се користи за свои цели: религиите никогаш не смеат да се инструментализираат, ниту тие самите смеат да поддржуваат или одобруваат конфликти и несогласувања. (…) Во оваа ноќ на конфликти низ кои поминуваме, нека религиите бидат мугрите на мирот“ – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот