Папата: Работната експлоатација е смртен грев

Папата: Работната експлоатација е смртен грев

Не бидете наврзани на богатството, затоа што тоа ни е дадено од Бог за да го даруваме на другите – рече папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта, на 24 мај 2018 година, на празникот Марија Помошничка на христијаните.

Папата се присети посебно на благородниот кинески народ кој исто така на 24 мај во Шангај ја слави Пресвета Богородица од Шешан, Марија Помошничка.

Осврнувајќи се на првото читање од денешната литургија, од посланието на светиот апостол Јаков, во кое се зборува за тоа како извиците и протестите од неплатените работници дојдоа до ушите на Господ, Папата го повтори она што апостолот им го рекол на богатите, не користејќи заобиколни зборови, туку зборувајќи силно. Имено, потсетува на пропадливоста на богатството.

„Тешко вам богати,“ вели Исус веднаш после блаженствата во Евангелието според Лука – истакна Светиот Отец и напомена: Кога некој денес така би проповедал, утре во весниците ќе пишува дека тој свештник е комунист. Но, сиромаштвото е во центарот на Евангелието. Проповедта за сиромаштвото е во центарот на Исусовите проповеди: „Блажени сте вие, сиромашните“ тоа е првото блаженство. Таа е личната карта со која Исус се претставува кога се враќа во своето село и во синагогата во Назарет говорејќи: Духот Господов е на Мене, испратен сум да ја навестам Радосната вест на сиромашните. Меѓутоа во текот на историјата секогаш се настојувало да се избегнува таа проповед за сиромаштво, верувајќи дека тоа е политичка и општествена работа. Не, тоа е чисто Евангелие! – нагласи Папата.

Богатството е идолопоклонство, способно е да заведе – рече папата Фрањо и објасни: Исус вели дека не може да се служи на двајца господари: или му служете на Бог или му служете на богатството; на богатството му се дава категорија на господар, затоа што богатството ве обзема и не попушта и оди против првата заповед: љубете го Бог со целото срце.

Богатството е и против другите заповеди затоа што го уништува хармоничниот однос меѓу нас луѓето, го уништува животот, ја уништува душата – рече Светиот Отец и потсети на параболата за богатиот кој мислел на удобниот живот, на прославите и на раскошната облека и на просјакот Лазар кој немал ништо. Богатството ја уништува хармонијата меѓу браќата, љубовта кон ближниот и нѐ прави себични.

Апостолот Јаков предупредува на платите на работниците кои работеле кај богатите и не биле платени; некој би можел да го замени со синдикалец – рече Папата и нагласи: Меѓутоа апостолот зборува преку вдахновението од Светиот Дух. Во Италија исто така се оставаат луѓето без работа за да се спаси голем капитал. Тоа е против другите заповеди, и кој тоа го прави: Тешко нему! Тоа го вели Исус. Тешко вас кои ги искористувате работниците и нивната работа, кои плаќате на црно, кои не ги плаќате придонесите за здравствено и пензиско осигурување и кои не давате годишен одмор.

Тешко вам! Барате попусти, измамувате врз платите и на она што мора да се плати, тоа е грев – истакна папата Фрањо и продолжи: Некој ќе каже: Оче, одам на света Литургија секоја недела, одам во онаа католичко здружение и молам деветница… Но, ако не плаќа? Таа неправда е смртен грев. Ако не плаќа не е во Божјата милост, тоа го вели Исус и тоа го вели апостолот Јаков. Заради тоа богатството ве оддалечува од другите заповеди, од љубовта кон ближниот.

Богатството е способно да ве направи робови; затоа Светиот Отец ги поттикна богатите, а не сиромашните повеќе да се молат и да прават покора. Пред богатството не сте слободни. За да бидете слободни од него, мора да се отргнете од него и да го молете Господ. Ако Господ ви дал богатство, тоа е за да го дадете на другите, за во Неговото Име да правите многу добри работи за другите. Богатството има способност на заведување пред кое можеме да паднеме и да станеме негови робови – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот