Папата пристигна во Панама

Папата пристигна во Панама

На 23 јануари претпладне папата Фрањо отпатува за Панама, каде ќе учествува на 34. Светски ден на млади. Тоа е втора посета на еден папа на Панама, после свети Иван Павле II кој ја посети оваа земја во 1983 година.

Папата тргна со авион од Рим околу 10 часот утрото, а во Панама пристигне после лет од скоро 13 часа, односно во 16.30 според локално, односно во 22.30 часот според европско време. Во пораката која ја објави на 23 јануари на својот профил на Твитер, Папата бара од верниците да се молат за тој многу убав и важен настан во одот на Црквата. Пред да замине за Панама, Папата во домот Света Марта се сретна со 8 млади бегалци од различни националности кои се сместени во Центарот Отец Арупе во Рим.

Богородичната димензија на патувањата

Првото патување на папата Фрањо во 2019 година има „Богородична димензија“, бидејќи мотото за 34. Светски ден на млади гласи: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 38) Првиот ден целосно е посветен на патувањето, додека главниот дел од програмата започнува утре. По пристигнувањето на меѓународниот аеродром во Токумен во Панама, 24 километри одалечен од центарот на главниот град на Панама, предвиден е официјален пречек со учество на панамскиот претседател Хуан Карлос Вареле и претставници од верските и граѓанските власти. Веднаш после тоа Папата ќе појде во апостолската нунцијатура каде што ќе престојува во текот на целата посета, до недела 27 јануари.

Програмата за посетата

Во четвртокот на 24 јануари предвидена е свеченост за добредојде во Претседателската палата и посета на претседателот на Панама. После тоа следува средба со претставници на власта, со дипломатскиот кор и претставници на граѓанското општество, а потоа и со епископите од Средна Америка во црквата Свети Фрањо Асишки. За попладне во програмата е предвидена свеченост за добредојде и отворање на Светскиот ден на млади во квартот Санта Марија ла Антигва, каде во петокот на 25 јануари, Папата ќе ја предводи побожноста Крстен пат со младите.

Во сабота наутро Папата ќе служи света Литургија со посветените лица на олтарот во катедралата Света Марија ла Антигва во Панама, во присуство на свештеници, богопосветени лица и лаичките движења. После тоа ќе следува ручек во богословијата Свети Јосиф со панамскиот надбискуп и 10 млади од повеќе земји, учесници на средбата на млади.

Вечерта ќе биде врвот на Светскиот ден на млади кога Папата ќе биде на молитвеното бдение со младите, во квартот Свети Иван Павле II каде во неделата утрото ќе служи света Литургија со која ќе заврши Светскиот ден на млади во Панама. Пред враќањето за Рим, папата Фрањо на стадионот „Ромел Фернандез Хуан Дијаз“ ќе се сретне со волонтерите кои биле вклучени во организацијата и во самото организирање на средбата. Пристигнувањето во Рим е предвидено за понеделник на 28 јануари, околу пладне.

Средба со млади во еден затвор за малолетници, како и млади заболени од сида ќе бидат само некои од настаните на маргините на Светскиот ден на млади, но меѓу најзначајните во тоа апостолско патување на папата Фрањо во Панама. Имено, во петокот на 25 јануари Папата ќе појде во малолетничкиот затвор „Лас Гарзас де Паора“ каде ќе се сретне со 200 млади затвореници. Во таа прилика ќе исповеда неколку од нив и тоа во исповедалници кои сами ги направија. Тоа ќе биде знак на близината на Папата до младите кои не можат да учествуваат на Светската средба на млади. Во неделата на 27 јануари, на последниот ден од Светскиот ден на млади и од неговото апостолско патување, папата Фрањо ќе појде во „Куќата на Добриот Самарјанин“ и ќе се сретне со млади лица со попреченост и заболени од сида.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот