Папата: Презирот кон животот е изворот на сите зла

Папата: Презирот кон животот е изворот на сите зла

На многу млади треба да им се каже: Не го презирајте својот живот!

Бог е љубител на животот! Контрадикторен пристап дозволува убивање на човечкиот живот во мајчиното крило во име на заштитата на други права – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 10 октомври 2018 година, упатувајќи во катехезата посветена на петтата Божја заповед: Не убивај, силен апел за одбрана на човечкиот живот.

Таа заповед стои како одбранбен ѕид пред основните вредности во човечките односи, а тоа е вредноста на животот која е нападната во војните, од организациите кои го искористуваат човекот, шпекулациите со создаденото и со културата на отфрлање, како и од сите системи кои човечкиот живот го подложуваат на пресметки и користи, додека голем и соблазнувачки број луѓе живее во состојба недостојна за човек – рече Папата.

Како може да биде терапевтско и цивилизациско или едноставно човечко дело кое убива невин и беспомошен живот во неговиот почеток? – праша Светиот Отец и продолжи – Дали е праведно да се одземе човечки живот за да се реши некој проблем? Што мислите дали е праведно да изнајмите убиец за да го реши проблемот? Тоа е неприфатливо, не е праведно да се убие човечкото битие иако мало, само за да се реши проблемот. Тоа е како да се изнајмиле убиец за да го реши проблемот.

Насилството и отфрлањето на животот се раѓа од стравот, затоа што да се прифати другиот е предизвик за себичноста – рече папата Фрањо и поттикна – Да замислиме на пример што се случува кога ќе се открие дека животот кој се создава е носител на инвалидност, можеби и тешка. На родителите во тие драматични случаи им треба вистинска близина и солидарност за да се соочат со реалноста, надминувајќи ги разбирливите стравови. Наместо тоа често добиваат брзи совети за прекин на бременоста, а тоа всушност е начинот на кој се кажува дека некој треба да се убие.

Меѓутоа, болното дете е како секој човек во потреба на земјата, како стариот човек на кој му е потребна помош и како многу сиромашни луѓе кои се борат за да преживеат – рече Папата и нагласи – Тие се Божји дар кои можат да нѐ извлечат од себичноста и да ни помогнат да растеме во љубовта. Тој ранлив живот го покажува патот на излегувањето, за да се спасиме од живот кој се занимава само со самите себе и да ја откриеме радоста на љубовта.

Во таа смисла Светиот Отец им се заблагодари на многу волонтери, посебно на Италијанците и се осврна на причини за отфрлањето на животот, а тие се идолите на овој свет: парите кои наведува на помислата подобро да се ослободиш од некој затоа што тоа ќе чини, и моќта и успехот кои се погрешни мерки за оценување на животот. Од друга страна – истакна – вреди да се прифати секој живот затоа што секој човек е откупен со крвта Христова и не може да се презира она што Бог силно го љуби.

Мораме да им кажеме на мажите и жените од овој свет: не го презирајте животот – рече Папата и објасни – Животот на другите, но и својот сопствен затоа што и за него важи заповедта: „Не убивај:“ На многу млади треба да им се каже: не го презирајте својот живот! Престанете да го одбивате делото Божјо! Вие сте Божјо дело! Не се потценувајте, не се преизирајте со прифаќање на зависности кои ќе ве уништат и одведат во смрт!

Единствената веродостојна мерка за животот е љубовта со која Бог го љуби секој човечки живот. Бог е љубител на животот! Христос нѐ бара во секој кревок и ранет живот, го бара нашето срце, токму за да ни ја открие радоста на љубовта – заврши папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот