Папата: Правејќи го знакот на крстот ја чувствуваме Божјата прегратка

Папата: Правејќи го знакот на крстот ја чувствуваме Божјата прегратка

Во својот пладневен говор на празникот Света Троица, папата Фрањо истакна дека можеме да размислуваме за Бог преку ликот на семејството собрано на трпезата и можеме да се потсетиме на него со наједноставниот гест што го научивме како деца: знакот на крстот

Да се запрашаме: Дали сведочиме за Бог кој е љубов? Или, пак, Бог-љубов стана идеја, нешто за што веќе сме слушнале, нешто што повеќе не нè движи во животот и не е предизвик? Дали секогаш ја чуваме вратата отворена во нашите заедници, дали знаеме да ги примиме сите, нагласувам – сите, како браќа и сестри? Имаат ли семејна атмосфера или повеќе личиме на канцеларија или место резервирано само за избраните?

Ова се прашања и повик до совеста на секој верник што папата Фрањо ги упати во своето пладневно обраќање во недела 4 јуни 2023 година, на празникот Света Троица. Обраќајќи им се на верниците од прозорецот на Апостолската палата, Светиот Отец се осврна на дел од Евангелието според Иван од неделната литургија, во кое се зборува за разговорот на Исус со Никодим, член на Големиот совет, кој имал голема љубов кон таинството на Бог. Тој го препознава Исус како божествен учител и потајно оди да разговара со него. Исус го слуша, сфаќа дека тој е човек кој бара и прво го ппобудува неговиот восхит, одговарајќи му дека за да се влезе во Царството Божјо треба да се роди повторно. Потоа му ја открива суштината на тоа таинство, велејќи дека Бог толку многу го засакал човечкиот род што го испратил својот Син во светот. Значи, Исус, Синот, ни зборува за Отецот и за неговата неизмерна љубов.

Семејството собрано на трпезата

Татко и син; семејна слика која ја менува нашата претстава за Бог – истакна Папата. Самиот збор „Бог“ ни сугерира единствена, величествена и далечна реалност, додека зборувањето за Отецот и Синот евоцира семејство.

Да, така можеме да размислуваме за Бог, преку слика на семејство собрано на трпезата, каде што се дели животот. Меѓу другото, сликата за трпезата, која исто така е олтар, е симбол што се користи за прикажување на Светата Троица на одредени икони. Тоа е слика која ни зборува за Бог кој е заедништво, Отец, Син и Светиот Дух; заедништво.

Божјото присуство е секогаш близу

Сепак, тоа не е само слика. Тоа е реалност! – истакна Папата. Тоа е реалноста што Светиот Дух ни дозволува да ја вкусиме, ни дозволува да го доживееме Божјото присуство: блиско, сочувствително и нежно присуство. Можеме да кажеме дека нѐ повикува да седнеме на трпеза со Бога и да ја споделиме неговата љубов. Токму тоа се случува на секоја света Литургија, на олтарот на евхаристиската трпеза, каде што Исус се принесува на Отецот и се нуди за нас – додаде Римскиот бискуп и рече:

Да, браќа и сестри, нашиот Бог е заедништво на љубовта: така ни го објави Исус. А знаете ли како можеме да го запомниме? Со наједноставниот гест што го научивме како деца: знакот на крстот. Со тој наједноставен гест, знакот на крстот.

Знакот на крстот

Правејќи го знакот на крстот се сеќаваме колку многу Бог нѐ љуби, толку многу што го даде својот живот за нас – истакна папата Фрањо и ги поттикна сите присутни на плоштадот Свети Петар да го направат тој знак.

Неговата љубов потполно нè прегрнува, од горе до долу, од сите страни, како прегратка што никогаш не нè напушта – забележа и додаде: Воедно предано се посветуваме да сведочиме дека Бог е љубов, создавајќи заедништво во негово име.

Дали сведочиме за Бог кој е љубов?

Дали го правиме тоа? Дали сведочиме за Бог кој е љубов во нашите семејства, во нашите заедници, во нашите животи? Или, пак, Бог-љубов стана идеја, нешто за што веќе сме слушнале, нешто што повеќе не нè движи во животот и не е предизвик?

Дали нашите заедници знаат да љубат? А нашето семејство… Знаеме ли да сакаме во семејството? Дали на сите им ја нудиме храната на Божјото простување и виното на евангелската радост?

Поттикнувајќи на размислување, Папата додаде: Бог е љубов, Бог е Отец, Син и Свети Дух и го даде својот живот за нас, за тој крст.

На крајот упати молитва до Богородица да ни помогне да ја живееме Црквата како дом во кој се љуби на семеен начин, во слава на Бога Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот