Папата: Потрагата по единството на христијаните мора да биде заедничко патување

Папата: Потрагата по единството на христијаните мора да биде заедничко патување

Во пресрет на почетокот на Светската молитвена осмина за единство на христијаните, папата Фрањо на 17 јануари 2022 година во аудиенција прими делегација од Финска, која ходочасти во Рим на празникот Свети Хенрик.

Споделувајќи го размислувањето за овогодинешното мото на Молитвената осмина за единство на христијаните, кое гласи „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме“ (Матеј 2,1-12), Папата рече дека мудреците ја постигнале својата цел затоа што Го барале Исуса. Но, го бараа бидејќи Господ, во знакот на ѕвездата, прв тргна во потрага по нив. Најдоа затоа што бараа, а бараа затоа што самите биле барани, објасни Папата. Добро е вака да се гледа на животот – додаде тој – како пат на потрага што не започнува од нас самите, туку од Оној кој прв тргна во потрага по нас и нѐ привлекува кон себе со својата благодат. Нашиот одговор секако мора да биде сличен на оној на мудреците: заедничко патување, истакна Светиот Отец.

Повикани заедно да одиме напред

Имено, продолжи Папата, оние кои се допрени од Божјата благодат не можат да се свртат кон себе и да живеат само за себе. Напротив, тие секогаш се во движење, охрабрени да одат напред и да чекорат заедно. Вашето ходочастие, им рече Папата на присутните, е одличен пример за тоа. Споменувајќи дека мудреците во црковната култура се претставени како претставници на различни култури и народи, Светиот Отец рече дека и ние во ова време сме повикани да ги земеме за рака нашите браќа и сестри со нивната конкретна историја и заедно да одиме напред. На светот му треба Божјата светлина, а таа свети само во љубовта и во братството, истакна папата Фрањо.

Трпеливо и понизно

Некои фази од патувањето се полесни и нè повикуваат да напредуваме брзо и упорно, додека одвреме-навреме патувањето станува понапорно и пред цели кои изгледаат далечни и тешко остварливи може да има одреден замор и искушение на обесхрабрување. Во овој случај, охрабри Папата, да се потсетиме дека на ова патување не чекориме како оние кои го поседуваат Бога, туку како оние кои продолжуваат да го бараат. Затоа, треба да се оди напред со понизност и трпение.

Два важни моменти

Како трагачи по Бога, патувајќи кон полно заедништво со него и едни со други, можеме да погледнеме на два важни моменти, рече Папата, истакнувајќи ги двете претстојни годишнини: 1700. годишнината од Никејскиот собор во 2025 година и 500. годишнината од лутеранската аугсбуршка исповед, која е во 2030 година.

Папата Фрањо истакна дека Троичната и Христолошката исповед на верата од Никеја ги обединува сите крстени луѓе и ги охрабри сите христијани да го обноват својот ентузијазам за наследување на Христос, на патот кој е Христос. Само со наклонување кон него ќе дојдеме до крајот на патот кој води до полно единство, рече Светиот Отец.

Аугсбуршката исповед, од друга страна, настанала во време кога христијаните се движеле во различни насоки, во времето познато во историјата како протестантска реформација. Исповедта беше обид да се зачува единството, рече Папата. Иако не успеа да ги спречи поделбите, претстојната годишнина може да послужи како плодна прилика да нѐ охрабри и потврди на патот на заедништвото за да станеме попослушни на Божјата волја и помалку посветени на човечките стратегии; повеќе склони да се следи патот што го покажува Рајот отколку стремежот кон световните цели.

Благодарност до бискупот Кескитал

Во своето обраќање, папата Фрањо му се заблагодари на лутеранскиот бискуп Јуки Кескитал што го презема неговиот сон за Амазонија и го примени во однос на автохтоните фински народи. Пастирот мора да биде конкретен со конкретни луѓе, но не смее да си дозволи да престане да сонува. Ти благодарам што сонуваш, му рече Папата на бискупот.

Кога ќе постигнеме единство

На крајот, Светиот Отец праша кога ќе се постигне единство и се осврна на забелешката на еден „голем православен теолог“, кој рече дека единството ќе биде во есхатон, односно само на крајот на времето. Сепак, истакна Папата, важен е патот на единство. Иако работата на теолозите и стручњаците е неопходна и добра, сепак добро е, како што рече, „ние, верниот народ Божји, заедно да појдеме на пат“.

Поглед насочен во Христос

Светиот Отец ги повика христијаните да продолжат да патуваат заедно во потрага по Бога, храбро и конкретно и да ги држат очите секогаш кон Христос, останувајќи блиску еден до друг во молитвата. Своето обраќање Папата го заврши предводејќи ја Господовата молитва.

Поздрави

На почетокот на средбата Папата со особено задоволство ги поздрави присутните членови на народот Саами, изразувајќи желба Бог да ги придружува на патот на помирувањето и исцелувањето на спомените и да ги направи сите христијани слободни и решителни во искрена потрага по вистината.

Присутни беа и споменатиот лутерански бискуп Јука Кескитало, кој исто така се обрати на присутните, како и католичкиот бискуп емеритус од Хелсинки, Тееми Сипа, кој се опоравува од тешката несреќа. Папата ги поздрави и православниот митрополит Куописко-ларелиски Арсениј, кој не беше во можност да присуствува на аудиенцијата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот