Папата: Потрагата за потполно единство на христијаните за Католичката Црква и понатаму е приоритет

Треба да одиме заедно, да молиме и да го познаваме и сакаме Господа, соработувајќи во служењето и во солидарноста со слабите и со оние што трпат, истакна папата Фрањо во писмото кое им го предаде на учесниците на општото собрание на Папскиот совет за единството меѓу христијаните, кое се одржува во Ватикан, на тема: „Цел на екуменизмот: начела, можности и предизвици педесет години по „Unitatis Redintegratio“.

Потрагата по потполно единство на христијаните, за Католичката Црква и понатаму претставува приоритет. Тоа е пред сѐ Дар Божји и дело на Светиот Дух, но сите сме повикани да соработуваме секогаш, и во секоја прилика, истакна Светиот Отец. Папата, исто така, ја истакна и големата промена во менталитетот, до која дојде благодарение на документот „Unitatis Redintegratio“ и науката на Вториот ватикански собор, кој ги поттикна здруженијата, движењата, и заедниците на посветен живот да се завземат повеќе со цел потполно да се исполни Исусовата молитва до Својот Отец, во пресрет на неговото страдањња: „Да бидат сите едно“.

Потоа, Светиот Отец забележа дека треба да признаеме дека ние, како христијани, сѐ уште сме поделени и дека поделбите во однос на новите антрополошки и етички теми го прават слоевит нашиот од кон единството, но и покрај тоа не смееме да паднеме со духот и да се помириме со судбината, туку треба и понатаму, да се препуштиме на Бог кој во срцето на христијаните става семе на љубов и единство за да, со обновен занес, се соочиме со денешните екуменски предизвици. Тука Папата го истакна негувањето на духовниот екуменизам, вреднувањето на екуменизмот со крв и заедничкиот од по патот на Евангелието.

Непријателството и рамнодушноста кои предизвикаа наизглед ненадминлива одалеченост и длабоки рани меѓу христијаните од разните Цркви и црковни заедници, сега се веќе минато, истакна Светиот Отец и го пофали новиот елан и новата соработка за помирување и заедништво меѓу сите верници.

Духовниот екуменизам, според зборовите на Папата, се живее и развива по пат на безбројните канали кои само Бог ги гледа, но често и ние самите можеме да ги препознаеме. Се работи за светската мрежа на молитвени моменти кои ги исполнуваат телото на Црквата, од парохиско до меѓународно ниво, во знакот на вистинскиот екуменски дух. Станува збор за мрежа на гестови кои нѐ соединуваат во заедничката работа во бројните каритативни дела, истакна Папата.

Треба, меѓутоа, како што и нѐ поучува документот „Unitatis Redintegratio“, да го вреднуваме „екуменизмот по крв“,односно треба да знаеме да препознаеме во браќата и сестрите од другите Цркви и заедници способност за сведочење на Бог сѐ до жртвување на сопствениот живот, бидејќи оној кој ги прогонува христијаните, не прави разлика, ги прогонува само затоа што се христијани, истакна на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот