Папата: Политиката е средба, размислување и делување

Папата: Политиката е средба, размислување и делување

Папата ја прими во аудиенција заедницата Чемин Нојф и ги охрабри да продолжат со својата посветеност да поттикнуваат средби и да работат за доброто на човештвото.

Политичкото братство на заедницата Чемин Нојф обединува млади луѓе на возраст од 18 до 35 години од различни земји и политички култури, мотивирани од истата страст за општото добро и сиромашните, и желни за политичко дејствување кон Божјото срце. Обраќајќи им се на група нивни членови во Ватикан, Папата размислуваше за вистинското значење на политиката за христијаните. Како што рече, политиката е средба, размислување и делување.

Способност за средбата

Пред се, рече Светиот Отец, политиката е способност за средба. Истакнувајќи дека ова секако се состои од отвореност кон другите и прифаќање на нивните разлики како дел од дијалогот со почит и рече дека за христијаните сепак постои нешто повеќе. Имено, евангелието бара да ги сакаме нашите непријатели, што значи дека сме повикани политичките средби да ги гледаме како братски средби, особено со луѓето кои не се согласуваат со нас.

Тоа е став кој бара промена во начинот на кој гледаме на другите, покажувајќи прифаќање и почит. Без таква промена на мислењето, политиката често ризикува да се претвори во насилно спротивставување каде што луѓето се обидуваат да ги наметнат свои идеи и да остварат лични интереси на штета на општото добро, спротивно на принципот дека „единството преовладува над конфликтот“ (сп. Evangelii Gaudium, 226- 230).

Размислување

Политиката е исто така, од христијанска гледна точка, размислување. Како христијани, признаваме дека политиката не се практикува само преку средби, туку преку заедничко размислување во потрагата по општото добро, не само преку судир на различни и често спротивставени интереси, рече Папата. Накратко, додаде тој, целината е поголема од нејзините делови. Нашиот компас за унапредување на овој заеднички проект е евангелието, кое на светот му носи длабоко позитивна визија за човештвото каква што го посакува Бог, рече папата Фрањо.

Реалноста е поважна од идејата

Размислувајќи за делувањето, Папата рече дека е среќен што забележува дека нивното братство не е задоволно да биде форум за дискусија и размена, туку се фокусира на конкретни форми на посветеност. Како христијани, мораме секогаш да бидеме реални, соочувајќи ги нашите идеи со тешката реалност, за да не градиме на песок што порано или подоцна ќе се растури, рече Светиот Отец, додавајќи: Да не заборавиме дека реалноста е поважна од идејата.

Мигранти и екологија

Папата, исто така, потсети на работата што заедницата ја врши во име на мигрантите и животната средина и истакна дека го цени фактот што некои нејзини членови решиле да живеат заедно во работничката наслеба во Париз, за да ги слушнат гласовите на сиромашните. Тоа е христијански начин на вклучување во политичкиот живот, нагласи Петровиот наследник.

Средба, размислување, делување: тоа е политичка програма во христијанска смисла, истакна Светиот Отец, повторувајќи го апелот дека единството секогаш мора да ги надминува конфликтите. Тој ги повика присутните да продолжат по својот пат, следејќи го Исус Христос и внимателно слушајќи го Светиот Дух, за да може политиката да се практикува како највисок облик на милосрдие, како што ја дефинира папата Пиј XI.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот