Папата: Поларизацијата не е католичка, дијалогот е единствениот начин

Папата: Поларизацијата не е католичка, дијалогот е единствениот начин

Папата Фрањо даде ексклузивно интервју за Исусовското списание „Америка магазин“, објавено во понеделник, 28 ноември 2022 година, во кое одговара на повеќе прашања, меѓу кои и теми кои се однесуваат на САД, црковни прашања, социјални прашања, војната во Украина, односите на Ватикан со Кина и неговиот понтификат

Разговорот е направен на 22 ноември во Домот Света Марта и беше модериран на шпански, од пет претставници на списанието, вклучувајќи го и главниот уредник во заминување отец Мет Мелоун, С.И. и отец Сем Соер, СИ, иден главен уредник.

Отец Мелоун го започна разговорот прашувајќи го папата Фрањо што го прави толку смирен и среќен во неговата служба. Папата одговори дека дружењето со луѓето секогаш му носи голема радост, а она што го радува е сигурноста дека „Бог е со него“. Низ животот секогаш ме водеше по неговиот пат, рече Папата, понекогаш и во тешки моменти, но секогаш постои сигурноста дека не чекорам сам.

Тогаш отец Соер го праша за растечката поларизација на политичкиот живот во Соединетите Американски Држави, па дури и во самата Католичка црква. Светиот Отец предупреди на опасностите од идеолошко отуѓување во општеството, но особено во рамки на Црквата, посочувајќи дека американското општество има и некои „идеолошки католички групи“.

Поларизацијата не е католичка, посочи Светиот Отец. Католик не може да размислува или-или (aut-aut) и сè да сведува на поларизација. Суштината на она што е католичко е и-и (et-et)“. Светиот Отец потсети дека Исус ги надмина тогашните поделби кај Евреите меѓу фарисеи, садукеи, есени и зелоти, предлагајќи ги Блаженствата. Колку е поголема поларизацијата, толку повеќе се губи католичкиот дух и се паѓа во секташки дух.

Папата беше прашан и за растечката дистанца меѓу Конференцијата на католичките бискупи и католичките верници во САД за прашања на верата и моралот. Во оваа смисла, тој ја истакна пресудната улога на поедините бискупи, а не на колективните бискупски тела, и нивниот пасторален однос со нивното стадо, истакнувајќи дека бискупските конференции се организации наменети да помогнат и обединат, тие се симбол на единството. Исус не создаде бискупски конференции. Исус создаде бискупи, рече Светиот Отец. Тој додаде дека благодатта на Исус Христос е во односот меѓу бискупот и неговиот народ.

Се зборуваше и за прашањето на абортусот кој предизвика поделби во Католичката црква во САД. На прашањето дали бискупите треба да му дадат приоритет на абортусот пред другите прашања од социјална правда, папата Фрањо нагласи дека прашањето за абортусот не треба да се политизира. Ја истакна пасторалната улога на секој бискуп, која не може да биде делегирана од бискупската конференција.

Проблемот настанува кога оваа реалност на убивање човек ќе се претвори во политичко прашање или кога пастир на Црквата користи политички категории. (…)

Светиот Отец потоа беше прашан за моменталната криза на злоупотреба во Црквата и загриженоста во поглед на транспарентноста на Ватикан во светлина на новите неодамнешни случаи во кои се вклучени бискупи. Во оваа смисла, тој истакна дека откако Црквата донела одлука да не ги прикрива случаите, постигнат е напредок против „монструозноста“ на злоупотреба на деца. Меѓу другото, тој ги спомена и Состанокот за заштита на малолетниците во Црквата, кој го свика во Ватикан од 21 до 24 февруари 2019 година и формирањето на Папската комисија за заштита на малолетниците на чело со кардиналот Шон О’Мали.

Светиот Отец посочи дека предводник во носењето на тие одлуки бил Бенедикт XVI и дека ова злосторство по својата манифестација е „нов“ проблем, но вечен по тоа што постои во сите сфери на општеството, почнувајќи од семејството. Кога чесните луѓе гледаат како Црквата ја презема одговорноста за ова монструозност, сфаќаат дека Црквата е едно, а насилниците кои Црквата ги казнува се друго.

Папата Фрањо затоа повтори дека Црквата е одлучна да оди напред во преземањето одговорност за сопствениот грев, со сериозност и срам и со транспарентност.

Што се однесува до неговиот став за војната во Украина, особено зошто тој очигледно не сака директно да го критикува агресорот Русија, Папата рече: „Понекогаш се трудам да не прецизирам за да не навредам, туку судам општо, иако добро се знае кого осудувам. Не е потребно да се внесе име и презиме“.

„Кога зборувам за Украина, зборувам за луѓе кои се маченици. Ако имаш народ на маченици, има некој кој го мачи. Кога зборувам за Украина, зборувам за суровост бидејќи имам многу информации за суровоста на трупите кои влегуваат. (…) Секако, таа што напаѓа е руската држава. Тоа е многу јасно“.

Тој потоа потсети на неговите лични напори да стави крај на конфликтот и да ја поддржи Украина: од посетата на руската амбасада во Рим на вториот ден од војната, 25 февруари, два телефонски повици до украинскиот претседател Володимир Зеленски, интервенција за ослободување на воените затвореници од двете страни, до желбата да ги посети Киев и Москва.

Тој нагласи дека експлицитното именување на Путин не е потребно. „Сите ја знаат мојата гледна точка, со Путин или без Путин, без негово именување“.

Папата Фрањо потсети дека неколкупати испратил двајца кардинали во Украина, како и секретарот на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, за да ја пренесе солидарноста и хуманитарната помош на Светиот Престол до украинскиот народ.

Ја спомена и неодамнешната комеморација Гладомор, геноцид извршен од Сталин врз Украинците во 1932-1933 година, за кој рече дека е „историски претходник на [сегашниот] конфликт“. Папата истакна дека ставот на Светиот Престол е да бара мир и разбирање и дека секогаш е подготвен да посредува.

Потоа зборуваше за прашањето на расизмот, кој некои католици во САД не го сметаат за приоритет, но поради кој многу црни католици се чувствуваат запоставени од Црквата. Запрашан што ќе им каже за да ги охрабри, Папата рече дека е близок со страдањата што тие ги доживуваат, а тоа е расното страдање, и дека [во таа ситуација] локалните бискупи се тие што на некој начин треба да им бидат блиски.

На афроамериканските католици би им рекол дека Папата е свесен за нивното страдање, дека многу ги сака и дека треба да се спротивстават и да не се откажуваат. Расизмот е неподнослив грев против Бога, посочи Папата. Црквата, пастирите и верниците мора да продолжат да се борат за негово искоренување и за поправеден свет. Тој, исто така, ја искористи приликата да каже дека навистина ги сака домородните народи на Соединетите држави и многуте Латиноамериканци кои живеат во земјата.

Во текот на разговорот се постави и прашањето за ракополагање на жени. Папата појасни дека станува збор за теолошко прашање кое се однесува на министријалната (служителската) димензија на животот на Црквата, Петровата Црква.

Сепак, рече тој, Црквата е повеќе од служба. Покрај Петровиот принцип, постои уште еден принцип што е уште поважен, а тоа е Маријанскиот принцип, тоа е принципот на женственост во Црквата, жената во Црквата, каде што Црквата гледа во огледалото на себе затоа што е жена и сопружничка.

Папата го спомна и третиот принцип – административниот. „Верувам дека на жените треба да им дадеме повеќе простор“, рече тој, посочувајќи дека дури и во Римската курија, Црквата постигнала напредок во давањето поголема одговорност на жените. Тоа што жената не влегува во министријалниот живот не е ускратување. Вашето место е она што е многу поважно и што допрва треба да го развиваме, катехеза за жените на патот на Маријанскиот принцип.

Папата Фрањо беше прашан од новинарите и за неговите чести критики на пазарниот капитализам, поради што некои го нарекуваат марксист. Се обидувам да го следам евангелието, одговори Папата.

Блаженствата ме просветлуваат, но пред сѐ се мерило по кое ќе нѐ судат, рече Светиот Отец потсетувајќи на зборовите од 25. поглавје од Евангелието според Матеј: „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“.

„Значи дали Исус е комунист? праша Папата, истакнувајќи дека проблемот зад тоа е општествено-политичкага редукција на евангелската порака.

На крајот беше поставено прашање за односот на Ватикан со комунистичка Кина, во врска со Времената спогодба меѓу Светиот Престол и Пекинг од 2018 година за именување бискупи, која неодамна беше обновена, и за наводниот молк за човековите права во Народна Република Кина.

Не се работи за говор или молчење, туку за дијалог или не, одговори Светиот Отец.

Со Кина се одлучив за патот на дијалогот, дури и ако е бавен, објасни тој, наведувајќи ја како „модел“ дипломатијата на Остполитик на покојниот кардинал Агостино Казароли за време на Студената војна.

Тој исто така повтори дека Кинезите ја заслужуваат неговата почит, бидејќи се луѓе со голема мудрост.

Дијалогот е патот на најдобрата дипломатија. Со Кина се определив за патот на дијалогот. Бавно е, има свои неуспеси, има свои успеси, но не можам да најдам друг начин. И сакам да истакнам дека Кинезите се луѓе со голема мудрост и ја заслужуваат мојата почит и восхит, рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот