Папата повика на молитва и пост за Украина

Папата повика на молитва и пост за Украина

Царицата на мирот нека го спаси светот од лудилото на војната – повика Папата на крајот од Генералната аудиенција во среда 23 февруари 2022 година и ги поттикна, особено верниците, првиот ден од постот да го посветат на молитва за Украина. Бог е Отец на сите нас, не само на некои, тој сака да бидеме браќа, а не непријатели.

Имам голема болка во срцето поради влошувањето на ситуацијата во Украина – рече папата Фрањо по катехезата на Генералната аудиенција. Пред да ги поздрави верниците од италијанското говорно подрачје, тој упати апел за мир во кој е очигледна загриженоста и тагата поради досегашниот негативен исход од меѓународните преговори. И покрај дипломатските напори во последните недели, истакна тој, се појавуваат сè поалармантни сценарија. Како мене, многу луѓе во светот се чувствуваат вознемирени и загрижени. Повторно мирот на сите е загрозен од еднострани интереси.

Би сакал да апелирам до оние кои имаат политичка одговорност да направат сериозен испит на совеста пред Бога, кој е Бог на мирот, а не на војната, Отец на сите, а не само на некој, кој сака да бидеме браќа, а не непријатели. Ги молам сите инволвирани страни да се воздржат од било какво дејствување што предизвикува уште поголемо страдање на населението, дестабилизирање на соживотот меѓу народите и дискредитирање на меѓународното право, рече Папата.

Молитва и пост

Обраќајќи им се на сите, верници и оние кои не веруваат, Папата сите ги поттикна на молитва и пост. Исус нè научи дека на ѓаволската безумност на насилството се одговара со Божјото оружје, молитвата и постот. Ги повикувам сите да го направиме 2 март, Чиста Среда, Ден на пост за мир. Посебно ги поттикнувам верниците на овој ден интензивно да се посветат на молитвата и постот. Царицата на мирот нека го спаси светот од военото лудило – рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот